Само 0,21 отсто од туристите во Грција се позитивни на Ковид-19

Од 332.934 тестови на 31-на влезна точка во Грција од 1 јули до вчера, 725 лица се позитивни, што е само 0,21 отсто од посетителите на нашата земја, рече портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите и истакна дека зголемениот број заразени во изминатиот период „се должи на опуштеноста во внатрешноста“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Исто така, важна е и констатацијата дека постои пораст на случаи кај младите. Во март, оние кои беа заразени со коронавирусот беа на просечна возраст од 48,6 години, а во август 36,2 години, објасни Пецас.

Говорејќи за ситуацијата со коронавирусот во Грција, Пецас рече епидемиолошката слика и понатаму е добра, објасни дека во светот, просекот е 2.831 позитивен случај на еден милион жители, а во Грција е 693, додека пак смртноста е 100 на еден милион, а во Грција 22, со што земјата е на 132-та позиција во однос на позитиви случаи, а на 108-та според смртноста на еден милион жители.

Додаде дека зголемен е и бројот на тестови што се прават во земјата, од 800 тестови во февруари, во последните 15 дена биле направени во просек 11.300 тестови дневно.

Дополнително, презентираше и статистички податоци, односно споредба на Грција со Белгија, Холандија и Португалија, од почетокот на епидемијата до вчера, според кои ситуацијата во Грција е подобра од онаа во останатите три земји.

Во однос на туризмот и проценките на Владата 50 дена по отворањето на границите, Пецас, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, рече дека оваа година споредбата не е со профитот од 18,2 милијарди од 2019, туку споредбата е со нула.

-Она што можам да го кажам како проценка е да упатам на процените на експерите од Министерството за туризам, од коморите, туристичките здруженија, како што е Здружението на грчки туристички бизниси, кои говорат за профит што би можел да достигне до пет милијарди евра, но ова е највисоката граница во овој момент, објасни портпаролот на грчката Влада.

Пецас на денешниот брифинг со новинарите рече дека сите вработени во јавниот превоз кои од одмор се враќаат на работа ќе бидат тестирани за Ковид-19, а за двата случаи а ширење на коронавирусот во домови за стари лица објасни дека ќе се подготви здравствен протокол што ќе предвидува повеќе и почести тестирања на вработените во домовите „за да постои сигурност, во комбинација со забраната за посети, дека во внатрешноста не се пренесуваат коронавирусот“.

Паралелно рече дека продолжуваат и инспекциите на надлежните органи за почитување на мерките, а во текот на вчерашниот ден биле направени 6.867 контроли во цела Грција, биле регистрирани прекршоци во 320 случаи и изречени казни во висина од 96.200 евра.