Самитот на Г7 нема да се одржи на имотот на Трамп


САД- Претседателот Доналд Трамп нагло го смени курсот и најави дека економскиот самит на Г7 следната година нема да се одржи во комплексот „Трамп национал дорал“ во Флорида. Одлуката ја објави откако се соочи со гневна двопартиска реакција.

Претседателот ја твитна главната промена нешто повеќе од 48 часа по првичното соопштение: „Ние веќе нема да го сметаме ‘Трамп национал дорал’ во  Мајами, како место каде што ќе се одржува  Г-7 во 2020 година. Веднаш ќе ја започнеме потрагата по друга локација, вклучувајќи го како  можност и Кејмп Дејвид“.

Зголемената критика со која се соочи неговата администрација на оваа тема Трамп ја оцени како „нерационално непријателство“ и напиша: „Мислев дека правам нешто многу добро за нашата земја со користење на ’Трамп национал дорал’ како место каде што ќе се одржи лидерскиот самит на Г-7“.

Белата куќа ја бранеше својата одлука да го искористи личниот имот на Трамп како локација за Г7, во услови на зголемен бес и неодобрување. Портпаролот на Белата куќа, Стефани Гришам, за Си-ен-ен изјави дека одржувањето на самитот во „Дорал“ ќе биде „значително поевтино“ од другите опции.

Администрацијата тврдеше дека настанот ќе се организира без профит од страна на Трамп поради клаузулата во Уставот, што во голема мера му  забранува на претседателот да прифаќа подароци или пари од странски влади. Администрацијата, исто така, не ги разјасни деталите за тоа како ќе се утврди што ќе биде тоа „без профит“, односно само според чинењето.

Спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси изјави за Си-ен-ен дека одржувањето на самитот на Г7 на имотот на Трамп е „целосно надвор од опциите“.

Овој потег да биде домаќин на самит на сопствен имот предизвика поделба и меѓу претседателот и некои негови сојузници во Конгресот, кои  веќе се  вознемирени од неговата одлука да ги повлече трупите од Сирија.

Ноа Букбундер, извршниот директор на невладината организација Граѓани за одговорност и етика во Вашингтон, пресвртот во одлуката на претседателот го нарече „соочување со реалноста“.

„Одлуката на претседателот Трамп да ја организира средбата Г-7 на својот сопствен имот беше срамна, коруптивна уставна повреда. Таа беше зачудувачки коруптивна, дури и за зачудувачки корумпирана администрација“, оцени. „Неговото повлекување од таа одлука е освестување од реалноста, но тоа не го менува фактот колку зачудувачки беше што претседателот некогаш мислеше дека е соодветно, или дека тоа е нешто со што може да се извлече“, додаде тој.

На прес-брифингот во четвртокот, вршителот на должноста шеф на канцеларијата на Белата куќа, Мик Мулвани, пркосно се осврна на загриженоста дека самото тоа што личниот имот на Трамп се спомена како место каде што може да се одржи самитот создава профит за одморалиштето, порачувајќи им на новинарите „да ја разгледаат можноста дека брендот на Доналд Трамп сам по себе веќе е силен“. (Си-ен-ен)