Самитот на ЕУ откажан, датумот за преговори неизвесен


Состанокот на шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ, што требаше да се одржи на крајот на следната недела, e откажан на неодредено време, јави дописникот на Радио Слободна Европа од Брисел. На овој самит, требаше да биде формално одобрено отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Според деловникот, најмалку две третини од претставниците на Европскиот совет (т.е. премиери или претседатели од земји на ЕУ) мора да бидат присутни за да гласаат за одредено прашање на редовниот самит. Бидејќи тоа е невозможно поради изолацијата во која се наоѓа Европа заради избувнување на корона вирусот, нема да биде можно официјално да се одлучи за започнување на пристапните преговори со Скопје и со Тирана.

Според процедурата, договорот секогаш се постигнува на министерско ниво, но се бара формален печат на лидерите кои даваат согласност за започнување на преговори за членство.

Како што е потврдено во седиштето на ЕУ, правната служба на ова тело разгледува начини како да се најде преодно решение без физичко присуство на лидерите.

Во соопштението издадено од Европскиот совет се наведува дека лидерите на ЕУ се согласиле дека без оглед на откажувањето на редовниот самит, кој беше закажан за 26-27 март, тие ќе продолжат со виртуелни дискусии.

Според соопштението, лидерите на ЕУ се согласиле да одржат уште една видео конференција следната недела за да разговараат за ситуацијата во врска со појава на корона вирусот. (РСЕ)