Самитот ЕУ-Западен Балкан обид за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија
Поддршка за евроинтегративниот процес, јасна заложба дека местото на Северна Македонија и на останатите земји од Западен Балкан е во Европската Унија, но и можност за придвижување на процесот за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија очекува македонскиот државен врв од денешниот Самитот ЕУ-Западен Балкан, што се одржува во Брдо кај Крањ.
Делегацијата на Северна Македонија на Самитот ја предводи премиерот Зоран Заев, а во неа ќе бидат и вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, јави известувачот на МИА од Брдо кај Крањ.
Заев вчера изјави дека Самитот во Брдо не е самит на којшто се одлучува, од кој може да се очекува прва меѓувладина конференција, отворање поглавје, туку очекувањата се однесуваат на чисти јасни пораки од ЕУ за интеграцијата на Западен Балкан во Унијата.
„Колку пораката е почиста, попрецизна и пофер кон земјите од Западен Балкан и фер кон ЕУ тоа дополнително ќе значи мотивација и стимул на сите да продолжат да работат пред се граѓаните, институциите, владите, парламентите сите заедно на европскиот пат, на реформите и интегрирањето на нашите земји“, рече Заев.
Премиерот истакна дека очекува чисти пораки кон Северна Македонија и целиот Западен Балкан дека Европа останува целсоно фокусирана кон интеграциите на Западен Балкан со сите детали внатре. „А како успеваат реформите, како чекориме напред, како се исполнети условите така да продолжиме, изразувајќи очекување ЕУ до крајот на годината да го испорача следниот чекор, а тоа е одржување на првата меѓувладина конференција“, нагласи Заев.
Претседателот на државата Стево Пендаровски, вчера од Атина, по средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, истакна оти ја очекува поддршката на Грција на Самитот ЕУ-Западен Балкан.
„Го замолив како влијателен член и на Европската народна партија, последниве години и како премиер на една земја членка која би морала да го знае целиот назив на Преспанскиот договор, тој не е само за решавање на разликите во името, туку и за воспоставување стратешко партнерство на Северна Македонија и Хеленската Република, дека во тој дел очекуваме негова поддршка и помош со оние претставници од земјите членки коишто се сѐ уште скептични во прв ред со Бугарија, а се разбира и со другите кои евентуално би имале негативна забелешка за втората држава која неформално е третирана со нас во пакет, Албанија“, објасни претседателот.
Шефот на државата рече дека не побарал некои гаранции или некакво ветување, бидејќи тоа не зависи од Мицотакис.
„Но добив јасна заложба и јасна изјава од негова страна дека тоа до сега го правел, а ќе го прави и понатаму и притоа тој спомна неколку имиња на влијателни политичари на земји членки на ЕУ, кои не се директно инволвирани во спорот се разбира, но можат да влијаат во позадина и да се обидат на тој сеевропски собир да објаснат кој е резонот, која е каузата зошто Западниот Балкан треба генерално да се приближува кон Брисел, а сега не се приближува“, истакна Пендаровски.
Со порака за важноста на интрегрирањето на Западен Балкан во ЕУ вчера излезе и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој посочи дека иднината на Унијата и на регионот се неразделно поврзани, поради што предизвиците, како што е прашањето на справување со пандемијата, мора да бидат надминати преку заеднички и унифициран пристап.
Тој на Варшавскиот безбедносен форум на панелот насловен „ЕУ – кредибилен партнер за Западен Балкан? Научени лекции од глобалната пандемија“ истакна дека пандемијата покажала дека концептот на безбедност мора да се редефинира и прошири.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, пак, завчера на Економскиот форум во Белград истакна дека ако ЕУ не може да ги приближи работите кон подобро на Балканот, нема да може на направи ништо никаде, ни во Сирија, ниту во односите со други држави, бидејќи овде кај нас го има најголемото влијание, и географски и политички и економски и секакво. Димитров е убеден дека немањето ангажман или оставањето на Балканот по страна, ќе чини многу повеќе отколку неговата европеизација.
Тој посочи дека Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија се случува во период кога кредибилноста на европското ветување за иднината на регионот е доведена во прашање, поради што е потребно да се испрати јасен политички сигнал и двете страни да преземат одговорност за остварување напредок.
Со очекување за поддршка вчера излезе и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој беше во Љубљана на самит на Европската народна партија.
„Очекувам како што кажавте недвосмислена поддршка и целосна поддршка за интеграција на Западниот Балкан во рамките на ЕУ и јасна европска перспектива за земјите од регионот“, изјави Мицкоски.
Тој изрази загриженост, како што рече, поради информацијата која што ја добил.
„На инсистирање на една земја-членка на ЕУ да се фиксира прецизна дата која што би била краен рок за интегрирање на земјите кои што се дел од Западниот Балкан, две земји членки за жал не прифатиле да биде тоа дел од заклучоците на утрешниот Самит на шефови и Влади на ЕУ посветен на Западен Балкан. И со тоа практично се доведува во знак прашање јасната и недвосмислена европска перспектива на земјите од Западен Балкан“, истакна вчера Мицкоски.