Самит на Г-20 во Осака: Малку можности за решавање на трговските бариери


Светските лидери се собраа во јапонскиот град Осака, на дводневен самит на Г-20, во време на зголемен број спорови и кризи, во кои се вклучени најголемите економии во светот.
Според Си-ен-ен, се очекува лидерите зад затворени врати да разговараат за опасноста од судир меѓу Вашингтон и Техеран и трговската војна на САД и Кина.
На маргините на конференцијата веќе се сретнаа претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин. Денес Трамп ќе има средба со претседателот на Кина, Ши Џинпинг.
Трамп изјави дека очекува продуктивна средба со Ши, со кого ќе се сретне за првпат по седум месеци во време на тензии во трговските односи меѓу двете земји. Запрашан, сепак, дали тој му ветил на Ши шестмесечно суспендирање на царините, Трамп изјави дека не направил такво нешто.
Според западните медиуми, шансите не се добри, со оглед на фактот дека ниту една страна не попушта бидејќи трговските преговори меѓу двете земји пропаднаа во мај.
Многу членки на Г-20 се заинтересирани за исходот на средбата на Трамп и Ши, бидејќи тој судир ги наруши глобалните синџири за снабдување, го забави глобалниот раст и ги натера централните банки да не ги зголемат каматните стапки.
Финансиските пазари закрепнаа по телефонскиот разговор на Трамп и Ши од минатата недела, кога тие се согласија да се состанат во Осака и да ги разгледаат трговските преговори, прекинати откако САД ја обвини Кина за неисполнување на ветувањата.
Пекинг верува дека барањата на САД за спроведување на многубројни економски реформи се прекршување на суверенитетот на Кина. Во јавноста кинеските власти велат дека ефектите од трговската војна се под контрола и дека не се брзаат да постигнат договор.
Американските санкции за кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеј“, исто така, би можеле да бидат тема на разговорите на двајцата лидери.
Извор што говореше со кинеските власти за трговија вели дека е малку веројатно дека Ши ќе влезе во детали за можен трговски договор, како што беше случајот кога тој се состана со Трамп во декември во Буенос Аирес, туку ќе се обиде да воспостави нов пат за подобрување на односите.
„Примирје во трговскиот конфликт е поверојатно отколку договор“, изјави Метју Гудман од Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон и поранешен советник на претседателот Барак Обама за меѓународна економија.
„Трговската војна САД-Кина е сериозна, но таа не треба да ја стави меѓународната заедница како заложник“, изјави претставник од кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон.
Домаќинот на состанокот, јапонскиот премиер Шинѕо Абе, сака во фокусот на самитот на Г20 да бидат реформите на Светската трговска организација, подобрување на позицијата на работниците и намалување на пластичниот отпад во океаните. Тој, исто така, сака да разговара за глобалните правила за управување со податоци кои ќе овозможат заштита на личната и интелектуалната сопственост, со слободен проток на медицински, индустриски и нелични податоци.
Но, САД веруваат дека Кина само ќе собира податоци и нема да ги сподели, изјави извор од јапонската влада.
„Нема многу теми за кои сите учесници можат да се согласат. Можеби намалувањето на пластичниот отпад е единственото подрачје за кое никој не се противи“, вели изворот. (МИА)