Самит „Македонија 2025“: Иднината е тоа што самите ќе го создадеме

Од Самитот беше упатена силна порака да се впрегнат сите сили за постигнување економски раст од 5 отсто годишно со цел да се придвижиме кон развиените економии


 

Тринаесеттиот Самит на „Македонија 2025“, организација која ја спојува дијаспората со татковината, кој денеска почна во Скопје, упати силна порака да се впрегнат сите сили за постигнување економски раст од 5 отсто годишно со цел да се придвижиме кон развиените економии. Учесниците на Самиот, меѓу кои има бројни видни бизнименси од светот, и домашни учесници се убедени дека вакваат цел е достижна, но за нејзино постигнување е неопходно да се води беспоштедна битка против корупцијата, да се намали сивата економија, како и да се вложува во образованието, во подигнување на менаџерските вештини и во дигитализацијата на компаниите.

Иднината е тоа што самите ќе го создадеме во Македонија, беше пораката на еден од панелите на Самитот за градење на визијата и за стратегии за одржлив раст, на кој учествуваа Невенка Димитрова, консултант за компјутерска онкологија, Мајк Зафировски, основач, претседавач и претседател на групата Заф и Џон ДеБласио, претседател, ДТ Глобал. Притоа, како што истакна Зафировски, еден од основачите на Македонија 2025, сега сме во ситуација кога е јасно дека треба уште многу да се сработи и да се има визија за забрзан раст, но и дека остварувањето на ваквите стапки е можно и неопходно.

Исто така, беше посочено дека со промената на власта работите не се менуваат автоматски, но и дека иднината се создава сега.

Инаку 13. Самит Македонија 2025 е до сега најголемо издание на кое што учествуваат над 500 гости, предвидени се околу 15 панели со над 50 говорници.

„Посебно сме горди на одличните гости панелисти кои што ни дојдоа тука, а секако сме горди и на она што го направивме како содржина на панелите и она што е за нас најважно, да ги пренесеме вистинските пораки, да покажеме успеси и да покажеме дека имаме одлични компании, одлични поединци лидери“, рече извршната директорка на Македонија 2025 – Никица Мојсовска-Блажевски. „Сакаме да го искористиме потенцијалот на дијаспората и мислам дека овие два дена ќе научиме многу, ќе излеземе со многу јасни пораки кои што би сакале да допрат до граѓаните, да допрат до бизнисите и до политичарите“, додаде таа.

Првиот човек на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, кој е член на Одборот на директори на „Македонија 2025“ јасно посочи како може да се постигне целта од раст од 5 отсто годишно.

„Темите кои што за нас се важни, како од аспект на бизнис заедница, така и од аспект како државата да оди напред, за што стана збор и на првите панели, секако се меритократијата, борбата против коруопцијата, потребата за инфраструктура која што ќе ја направи државата конкурентна и во однос на соседните земји и каде оди Европа и светот, потоа како да порасне извозот, како образовниот систем да биде подобар… Сето ова да придонесе за целта, а тоа е најмалку пет отсто годишен раст на домашниот бруто-производ, за да може државата полека да фати приклучок со сите останати во регионот и пошироко“, вели Мукаетов.

Одговарајќи на прашања на новинарите, Мукаетов рече дека е неопходна мобилизација и во делот на образовниот систем, како да се создаваат кадри кои ќе растат и кои ќе може да ги следат новите текови. Исто така, потребна е и добра клима за инвестиции, која, како што додаде, е најавена.

„Затоа што ние мора да инвестираме во нови технологии, во знаење на нашите вработени, за да можеме поединечно како ентитети да се посветиме и да придонесеме за раст на БДП од минимум пет одтсто. Ако сите ние во својот сегмент на работење не се охрабриме додатно и не внесеме додатно и енергија и ресурси од наша страна потпомогнати со добра клима за раст и развој тоа ќе биде многу тешко. Но, ако секој во својот дел на делување даде екстра ангажман, јас сум убеден дека ние имаме и ресурси и знаење и дека можеме и како ентитети и како држава да одиме напред и да го фатиме тој приклучок“, рече Мукаетов.

Според него потребна е интеграција од она што го даваат стопанските субјекти, од новите технологии и добрата клима за работа, која треба да е мотивирачка и со конкртетна поддршка на одредени програми, за да може да се подбутнат работите.

Васко Кроневски, првиот човек на „Некстсенс“ и член на Одборот на директори на “Македонија 2025“ се осврна на еден од приоритетите, а тоа е дигитализацијата, посочувајќи дека програмата на Самитот е околу главните приоритети на Програмата за просперитетна иднина каде што главен дел е еконимскиот развој, борба против корупцијата, економскиот раст од најмалку пет проценти и како тоа може да се постигне.

„Сметаме дека иновациите и новите технологии се клучниот начин како тоа може да се постигне и токму затоа голем акцент на темите на самитот денеска се околу тоа. Деновиве најавивме почеток на работа на новиот Центар за дигитални трансформации и токму на еден од панелите ќе зборуаме со гости и експерти на таа тема, како иновациите, технологиите можат да помогнат во економскиот развој, како може да помогнат во развојот на домашните компании за да ги направат поконкурентни, како тие да растат побрзо, а со тоа да придонесеме и за економскиот раст на државата“, вели Кроневски.

Одговарајќи на прашања на новинарите колку дијаспората е заинтересирана за инвестирање во земјава, Мојсовска Блажевски рече дека инвестициите од дијаспората се нешто што оди рака за рака со странските директни инвестиции.

„Важат истите услови за дијаспората и за странците, дали ќе инвестираат. Условите се знае кои се – стабилни институции, силни институции, да нема корупција и секако да има економски можности за инвестирање“, рече таа додавајќи дека од присутните на самитот, повеќето инвестирале во Македонија, имаат свои бизниси тука, меѓутоа уште поважно е дека работат со домашните бизниси, на кои им го трасираат патот да работат и да извезуваат низ целиот свет. Исто така, таа ја посочи и програмата Поврзете се со Македонија, каде што 90 лица од дијаспората се вклучени во менторирање и работа со домашни компании, токму за да им помогнат да почнат да извезуваат или да го зголемат својот извоз.

„Така што дијаспората навистина многу помага, но мислам дека треба повеќе да се канализира таа поддршка и се надевам дека со градење на силни институции, дијаспората уште повеќе ќе се вклучи во економскиот и во демократскиот развој на Македонија“, рече Мојсовска Блажески.

Таа додаде дека државата ја гледаат како партнер, но како организација сакаат да покажат успех и да почнат да работат на дигитализација која што ја разбираат многу широко, односно дигитализација на владини услуги за граѓани, дигитализација на владини услуги за компании, дигитална писменост за граѓаните и дигитални бизниси.

„Ние почнавме да работиме на дигитализација на бизниси, ќе најавиме партнерство со неколку организациии и големо партнерство со Стопанската комора на Македонија, а се надевам и со Владата, заедно да им помогнеме на бизнисите да се трансформираат дигитално“, рече таа.

Како државата може да помогне во тие процеси. Според Кроневски, државата може да помогне на разни начини и да се поттикне развојот на малите и средни претпријатија низ нивна дигитализација.

„Сите треба да работиме на развивање на екосистем потребен за дигитализација во овие претпријатија. Ни недостасуваат вистински консултанти кои што знаат и ја разбираат проблематиката на секоја од индустриите на малите и средни претпријатија, кои што ќе имаат дигитални вештини за да изработат стратегија за развој и да им помогнат да тргнат по тој пат“, вели Кроневски.

Тој додаде дека недостасува и свесност кај малите и средни претпријатија и кај претриемачите за придобивките од дигитализацијата и како да ги направи поконкурентни на странските пазари, а од друга страна поимуни на влијанието на глобализацијата на домашниот пазар.

„Сето ова се ова полиња каде што може да се помогне со регулатива, со најразлични поттикнувања од државата, поддршки низ даночни олеснувања, придобивки кои што може да ги добијат компаниите, за да ги реинвестираат средствата во оваа област“, вели Кроневски.

Запрашани, каде до сега Македонија 2025 како организација имала успеси, Мојсoвска-Блажевски рече дека најголем успех имале во образовните програми, во финансиските инвестиции во образовните програми и во ефектите од образовните програми.

„Сепак, образованието е подолгорочен процес, промените или ефектот не се мери многу брзо, меѓутоа сигурни сме дека развиваме многу подобри професионалци, многу подобри бизнис лидери, многу подобри претприемачи и тн“, рече таа, додавајќи дека сакаат да ги зајакнат капацитетите на организацијата, да вработат повеќе лица, особено кои ќе се фокусираат на економијата и на економскиот развој, меѓутоа и на корупцијата.

Запрашани кои се главните пречки за бизнисите во нашата земја, и кои се пораките до властите, Мојсовска Блажески рече дека „Македонија 2025“ е невладина организација, но за да има поголем импакт мора да соработуваат со владата и со владините институции.

„Ние постојано подаваме рака да помогнеме на било која влада, како да го подобриме системот на привлекување инвестиции и странски, меѓутоа и од дијаспората. Исто така сметаме дека е многу важно да работиме на брендирање на Македонија, значи како ќе ја препознаваат во светот, дали како бизнис дестинација, дали како дестинација со одлични образовни институции. Подаваме и рака за две клучни области, тоа се дигитализацијата и конкурентноста, како да ја подобриме регулативата, како да создаеме повеќе извозници, како да ги промениме инситуциите за да бидат повеќе наклонети за економски развој, сето тоа во насока како да постигнеме стапка од 5 отсто економски раст“, рече Мојсовска-Блажески.

Во рамки на овој самит таа најави состаноци со повеќе владини институции, со идниот мандатар на владата и неговиот тим и, како што рече, се надева дека пораките ќе бидат силни.

„Меѓутоа ќе подадеме рака за поддршка и помош во било каква форма, дали тоа се човечки ресурси, знаење, контакти, финасиски средства… Навистина сме спремни, неколку пати упативме пораки дека ова е пресврт и може и треба да биде пресврт во нашата економија и развој и ние сме спремни тука да одиграме многу конструктивна улога“, рече таа.

Инаку, на Самитот беше поканета да се обрати и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, но како што беше речено, таа била спречена поради густата агенда на обврски. Сепак, Одборот на директори на „Македонија 2025“ имаше средба со претседателката во нејзиниот кабинет, при што беа разменети мислења за темите кои се на самитот. (M.J.)