Самит ЕУ-Јапонија: Централна тема мултилатерализмот


Претседателите на ЕУ, Жан Клод Јункер и Доналд Туск и јапонскиот премиер Шинзо Абе ќе се сретнат попладнево во Брисел за самитот ЕУ-Јапонија, на кој една од главните теми ќе бидат трговските односи и заканите врз мултилатерализмот.

На 1 февруари стапи во сила Договорот за слободна трговија помеѓу ЕУ и Јапонија како и првиот договор за заштита на личните податоци.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, во момент кога САД сѐ повеќе се конфронтира со своите партнери на меѓународната сцена, европските челници ќе го искористат овој самит за да ја повторат важноста на силен мултилатерален трговски систем и потребата да се реформираат правилата во Светската трговска организација (СТО).

По овој состанок, јапонскиот премиер ќе ги посети САД, каде исто така ќе разговара за реформата на СТО.

Една од реформите што ЕУ сака да ја види се однесува на субвенциите за индустријата и присилните трансфери на технологија, за да се ублажи импактот на кинескиот економски модел врз светската трговска размена.

Освен на трговијата, Јункер, Туск и Абе ќе се осврнат и на климатските промени, уште една област каде мултилатерализмот е од критична важност.

Европа и Јапонија се очекува да се согласат дека се итно потреби глобални напори во борбата против климатските промени и посветеноста кон договорот од Париз.

Конечно, ЕУ и Јапонија ќе разговараат и за Корејскиот Полуостров, за иранскиот нуклеарен договор како и за односите со Кина и Русија.