Сам против Кина


Прага – Караницата меѓу главниот град на Чешка и Кина се заканува да зоврие, додека Пекинг го предупредува градоначалникот на Прага, Здењек Хриб, да престане да ги поткопува односите меѓу двете земји.
Во средата, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Генг Шуанг, на прес-конференцијата во Пекинг изјави дека Хриб и неговата градска администрација презеле мерки што влијаеле врз суверенитетот и интересите на Кина, објави државната новинска агенција Ксинхуа.
Хриб, политичар на чешката Пиратска партија, го развеа тибетското знаме во градската сала, се состана со тајванскиот претставник во Чешката Република и рече дека ќе стави крај на договорот за „побратимување“ договорен од претходната администрација меѓу Прага и Пекинг.
Тој, исто така, ја отфрли т.н. политика на една Кина, пристап според кој многу земји, вклучувајќи ја и Чешката Република, како и ЕУ, не го признаваат Тајван и не одржуваат формални дипломатски односи со неговата влада.
Како одговор на тоа, Министерството за кинеска култура на почетокот од оваа година откажа неколку концерти и други изведби во Кина од организации во Прага, вклучувајќи ја и турнејата на Прашкиот филхармониски оркестар закажана за оваа есен.
Генг во средата им изјави на новинарите дека дејствата на Хриб се „основната причина зошто тие организации и поединци од Прага не се добредојдени од страна на кинескиот народ“, повикувајќи ги градските власти да ги променат своите ставови.
„Во спротивно“, предупреди тој, „на крајот ќе им наштетат на сопствените интереси.“
Градоначалникот, кој е на власт помалку од една година, во четвртокот возврати на „Твитер“: „Кина треба повеќе да се фокусира на чешко-кинеските односи во согласност со претходните инвестициски ветувања што не се исполнети. Откажувањето на турнејата на Прашката филхармонија, која веќе имаше потпишано договор, покажува дека Кина не е сигурен деловен партнер“.
Според изјавата на Конфедерацијата на чешки индустрии објавена кон крајот на минатата година, вредноста на кинеските инвестиции во Чешка изнесува помалку од еден отсто од вкупните директни странски инвестиции во земјата.
Чешкиот министер за надворешни работи, Томаш Петричек, во четвртокот се обиде да ги среди работите во пост на „Твитер“, пишувајќи: „Поради сегашниот развој на настаните, сакам да се сретнам со кинескиот амбасадор во Чешката Република што е можно поскоро. Сметам дека е несреќно што политиката треба се вмешува во културата“.
Тој додаде: „Чешката влада нема можност да влијае врз чекорите на демократски избрана локална влада. Верувам дека кинеската страна го разбира ова“.
Но, спорот на крајот би можел да влијае врз националната политика на Чешка, бидејќи претседателот Милош Земан настојуваше да го отвори огромниот пазар на Кина за чешките бизниси и да привлече кинески инвестиции. Неговата последна посета на Кина беше во април по повод Самитот на појасот и патот во Пекинг.
Пред да замине на ова патување, Земан се пожали во интервју за кинеската државна телевизија за недостигот на кинески инвестиции, нарекувајќи го тоа „дамка на чешко-кинеската соработка“.
Чешката Република е меѓу неколку држави на ЕУ кои потпишаа меморандум за разбирање со Кина за промоција на Иницијативата за појас и пат.
Конфедерацијата на чешки индустрии предупреди во својата изјава дека билатералната трговија со Кина се развива на штета на Чешката Република, како што извозот во Кина опаднал за 1,7 отсто во периодот јануари-септември минатата година, додека увозот од Кина се зголеми за 13 отсто во истиот период.
Покрај тоа, трговскиот дефицит на Чешка со Кина достигна 419 милијарди чешки круни (16,38 милијарди евра) во 2017 година, се вели во соопштението на конфедерацијата, додавајќи дека овој „негативен тренд“ продолжи и во 2018 година. (Политико)