Италија ќе издаде илјадници работни дозволи на мигрантите?


Италија планира да издаде работни дозволи за илегалните мигранти, за да им помогнат на фармите да се изборат со епидемијата од корона вирусот.

Имено, тоа се планира затоа што пандемијата го прекина дотокот на евтина работна сила од странство, вели денеска политички извор за Ројтерс.

Овој политички чувствителен потег за кој порано известуваа италијанските медиуми, веднаш беше осуден од десничарскиот лидер Матео Салвини, чија партија својот успех го заснова на силната анти-мигрантска платформа.

Стручњаците за земјоделство предупредија дека Италија ќе мора да фрли огромни количини овошје и зеленчук, бидејќи нема кој да ги обере, откако приливот на странски работници е сопрен во февруари заради пандемијата од корона вирусот.

Министерката за внатрешни работи, Лучијана Ламоргезе, e подготвена да понуди привремени дозволи за околу 200.000 илегални мигранти кои во моментот се без работа во сивата економија, за да работат земјоделство, вели за Ројтерс извор од министерството.

Овој чекор, исто така придонесува во борбата против корона вирусот. „Ако некој се разболи, треба да го тестираме, а тоа е тешко да се направи ако не го знаеме неговото име“, вели изворот.

„Тие работат на огромна легализација на илегални мигрантии… лудило, ќе се обидеме да ги сопреме на кој и да е начин“, напиша на Твитер челникот на Лигата и поранешен министер за внатрешни работи, Матео Салвини.