Салвини повика на демонстрации на 19 октомври во Рим

Лидерот на италијанската десничарска Лига, Матео Салвини, кој го предизвика падот на првата италијанска популистичка Влада и се најде исклучен од идната власт, денеска ги повика свои приврзаници на 19 октомври во Рим да излезат на големи демонстрации.

– 19 октомври мислам дека ќе биде голем ден на италијанската гордост, рече Салвини во видео снимка објавена преку социјалните мрежи.

Италијанскиот претседател Серџо Матарела денеска и официјално му даде налог на премиерот во заминување Џузепе Конте да ја формира новата влада врз основа на договорот меѓу Демократската партија на левиот центар и антиситемското Движење пет ѕвезди.

Салвини порача дека нема да дозоволи да го откачат со мала игра во претседателската палата.

Конте на 8 август беше присилен да поднесе оставка кога Салвини ја повлече својата поддршка за владата, во која беше 14 месеци.

Демократите и Движењето пет ѕвезди вчера се договорија да формираат нова влада предводена од Конте, со што, барем засега, е избегната опасноста од предвремени избори, иако неизвесноста останува.

Салвини, кој се уште е вршител на должноста министер за внатрешни работи, вети враќање на неговата партија во прв план во земјата и кажа дека е порешителен од било кога претходно, притоа осудувајќи ја „владата родена во Брисел“. Тој додаде дека Италија нема да биде ничиј слуга.

-Тие нема долго да траат, ние веќе се подготвуваме. Не можат тие на Италијанците да им го одземат правото на гласање, рече Салвини.