Салвини ќе формира сојуз на европски десничарски популисти


Италијанскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Матео Салвини в понеделник во Милано ќе го претстави новиот сојуз на десничарски популистички партии, со кој лидерот на Лига ќе се вклучи во предизборната трка на изборите за Европскиот парламент.

На собирот ќе присуствуваат околу 20 партии, а меѓу нив ќе биде и Партијата на слободата на Австрија (ФПО), која е дел од австриската владина коалиција.

„Во правец на Европа на разумот” е мотото под кое ќе биде одржан собирот, со кој Салвини официјално ја почнува изборната кампања.

Десничарската партија Лига на Салвини очекува кон новиот сојуз да се приклучат повеќе европски партии и групи, меѓу кои и партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, францускиот Национален собир (РН) на Марин Ле Пен, холандската Партија на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс, Алтернатива за Германија (АФД), како и десничарската партија Шведски демократи (СД).

Поранешниот италијански премиер и лидер на Демократската партија, Паоло Џентилони предупреди, во интервју за виенскиот весник „Пресе”, дека актуелната коалиција на популисти во Италија, која ја сочинуваат Лигата на Салвини и антиинституционалното Движење Пет ѕвезди (М5С), може да доведе до истапување на неговата земја од ЕУ.

– Оваа влада ја изолира Италија, ја води земјата на маргините на ЕУ. Таа може земјата да ја извади од ЕУ, изјави Џентилони.

Тој посочи дека иако популистите никогаш не си поставиле за цел истапување на Италија од ЕУ, сепак ставот на Владата и курсот на конфронтации со Брисел, можат да доведат до таков опасен процес.

– Изолацијата е свесна политичка одлука, нагласи Џентилони, додавајќи дека зад сето тоа се крие опасно враќање на национализам и отворена недоверба кон проектот ЕУ, што и Британците ги доведе да гласаат за Брегзит.