Саливан: Можното труење на Навални, критичен момент за Русија, сериозен настан за САД


Ако се потврди за точна информацијата за труењето на рускиот опозиционер Алексеј Навални, кој од 20 август е во кома, тогаш виновните мора да бидат казнети, а овој настан ќе стане критичен момент за Русија.

Ова денеска го изјави Џон Саливан, амбасадор на САД во Москва. Според него, можното труење на Навални, за САД е „сериозен настан“.

– Ако се потврди дека Алексеј Навални навистина бил отруен, тоа ќе биде критичен момент за Русија. Рускиот народ заслужува да ги види казнети, сите кои се вовлечени во овој чин, изјави Саливан, пренесе Интерфакс.

Според него, во Русија се ограничени низа слободи поради односот на руската власт кон критиката.

– Ако Навални е отруен, тоа е ќе биде мошне сериозен настан за САД. Ја следиме реакцијата на руската власт на протестите и критиките против неа. Слободата на изразувањето и собирање, фундаментални принципи за секоја демократија, продолжуваат да се ограничуваат, додаде тој.

На рускиот опозициски лидер му се слоши на 20 август за време на лет од Томск до Москва. Авионот изврши итно слетување во Омск.

Опозиционерот, кој кратко време пред тоа пиел чај на аеродромот во Томск, беше донесен во тешка здравствена состојба во болницата во Омск. На 22 август тој беше преземен од германските лекари и со лет од Омск однесен во берлинската клиника „Шарите“.

Германските лекари денеска потврдија дека тешката здравствена состојба на Навални е предизвикана од труење, наводно со инхибитори на холинестераза. Според специјалистите, во инхибитори на холинестераза спаѓаат најраспространетите воени отровни супстанци како сарин и соман, а во оваа група спаѓа и „новичок“.