Министерот Сали тврди ќе се тера до крај случајот со болницата „Жан Митрев“

Ако ИРЛ правеле истражување во две години за случувањата во болницата и нам ни треба време да го потврдиме тоа, вели министерот за здравство


 

Случајот „Брезев“ ќе се тера до крај и ќе добие разрешница. Никој не е над законот, ниту има недопирливи, рече денеска министерот за здравство Беким Сали.

Сали на прес-конференција информира дека моментно е во тек состанок на стручен тим од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) со претставници од клиничката болница „Жан Митрев“ за да се утврди дали испитувањата врз пациентите кои се лекувале таму се вршени согласно важечките прописи.

Според министерот, Државниот санитарен и здравствен инспекторат во последните три години направил 45 редовни и 52 вонредни инспекциски надзори во 12 приватни здравствени установи. Детали соопшти директорката Ирина Сотировска-Бухова, информирајќи дека конкретно во „Жан Митрев“ се спроведени три редовни и девет вонредни инспекциски надзори.

Сали на прес-конференцијата претходно ја објасни методата на хемофилтрација која, како што нагласи,  се користи при третман на пациенти во тешка состојба, сместени на интензивна нега.

„Дали методата е применувана согласно строгите критериуми и индикации треба да процени стручен надзор од експерти во соодветните области“, подвлече министерот.

Министерот за здравство, Беким Сали информира дека сѐ уште се утрдува дали се правеле експеримети во клиниката „Жан Митрев“ со клиничките испитувања и хемофилтрацијата.

„Ќе утврдиме, да не носиме одлуки кои ќе влечат ‘зошто вие сега враќате назад ситуации’? Ќе утврдиме во МАЛМЕД, но и ОЈО ќе собере изјави на граѓани. Ние не смееме да забрзуваме со истрагата. Ако ИРЛ правеле истражување во две години, треба време ние да го потврдиме тоа. Во време на ковид, ниту една земја или здравствен систем, не може да каже дека ја користиме таа метода или тие лекови, врз основа на медицина базирана на докази, бидејќи нема искуство. Сѐ што е ново, не е базирано на докази. Сѐ што се правело е врз основа на искуство од други земји или институции како американското ЦДЦ, кои давале препораки како да се постапува со пациенти“, потенцираше Сали на прес-конференцијата.

„Експеримент е тежок збор. Зошто би штител некого, ако има одговорност, ќе има“, додаде Сали.

Тој потенцира и дека Министерството за здравство останува отворено за соработка за сите институции на барање на ОЈО.

Шабани: Да се даде време за утврдување на наодите 

 Да се даде време за утврдување на наодите за клиниката „Жан Митрев“ согласно законите и прописите. Од голема помош е емисијата на ИРЛ, ги охрабрувам сите други да им помогнат на институциите, рече денеска директорот на МАЛМЕД Лирим Шабани.

Шабани на прес-конференцијата порача дека никој не е над законот и дека тој што згрешил, ќе одговара за своите постапки.

Тој информира дека веќе се закажани две комисии, етичка и комисија за клинички испитувања кои ќе работат на случајот.

„Логично е малку да се даде време за да се утврди дали сѐ е според протоколите, прописите и законите. Сакаме да сме сигурни дека тоа било така како што е објавено. Никој не вели дека имало или немало клиничко испитување. Велиме како што кажува законот – ако некој развива некакво клиничко испитување, тоа се санкционира, а за да се санкционира треба да се потврди. Од голема помош е емисијата на ИРЛ, ги охрабрувам сите други да им помогнат на институциите. Во меѓувреме тече состанокот меѓу претставниците на МАЛМЕД и тимот од ‘Жан Митрев’, се соочуваат аргументите“, истакна Шабани.

Според него, не може ништо да се тврди ад-хок, ако претходно не се докаже.

„Ги викнавме луѓето да достават документација. Агенцијата за лекови прати инспекција пред да се објави документарецот, им даде пет дена рок, до вчера попладне доставија дел од документацијата, денеска се дојдени за објаснување. Закажана е Комисија за клинички испитувања, а ќе заседава и Етичка комисија. Дајте барем малку време да се потврдат наодите. Што и да се утврди, ќе се постапи соодветно“, рече Шабани.

Претходно, директорката на ДЗСИ соопшти дека во клиниката „Жан Митрев“ се спроведени три редовни и девет вонредни инспекциски надзори. Министерот Сали, пак, порача дека случајот „Брезев“ ќе се тера до крај.