Сали: Овој ден е за одбележување на Денот на здравјето, а не за протестирање


Министерот за здравство Беким Сали во врска со протестот на матичните лекари, најавен за денеска, истакна дека се во постојан контакт со сите здруженија вклучени во протестот, кој смета дека е легитимен, меѓутоа не е навремен.

– Сите тие претставници на здруженијата знаат дека ние интензивно работиме на нов модел на финансирање на примарната здравствена заштита и сметам дека овој ден е само за одбележување на Денот на здравјето, а не за протестирање. Меѓутоа, тоа е легитимно право и јас ќе им се придружам. Тие денеска ќе ми бидат гости и драго ќе ми биде да ги видам во протестот како група, рече Сали, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на реновираниот оддел за онкологија на Универзитетската клиника за детски болести.

Приватните лекари на Денот на здравството, 7 април, излегуваат на протест за да искажат револт што не им е решен ниту еден од бројните проблемите кои ги имаат. Здружението на приватни лекари (ЗПЛМ) одлучи протестот да се одржи во 12 часот пред Министерството за здравство, на кој покрај докторите ќе протестираат и медицинските сестри.

– Се сменија многу министри, многу Влади, но никој не направи ништо за опстанокот на примарното здравство. Не се покачени буџетите за матичните лекари, ниту за специјалисти и лаборатории. Имаме енормни зголемувања, покачена е минимална плата, цената на индустриската струја отиде високо. Капитациониот бод мора да се зголеми – вели д-р Лилјана Чолакова-Дервишова, претседател на ЗПЛМ.