Сали: Обезбедувањето здрава животна средина значи и поздрави луѓе и поздрави поколенија
Годинешното мото на Денот на здравјето – „Наша планета, наше здравје“ не потсетува на поврзаноста на нашето здравје со грижата за животната средина, истакна министерот за здравство Беким Сали на денешното одбележување на Денот на здравјето – 7 април.
– Обезбедувањето здрава животна средина значи и поздрави луѓе и поздрави поколенија. Потребен е мултисекторски интегративен пристап за спречување и ублажување на негативните ефекти на животната средина врз здравјето на луѓето, истакна Сали.
Тој нагласи дека само заедничката работа и координативниот пристап водат кон посакуваните разултати.
– Како што гласи мотото на овој светски ден „Наша планета, наше здравје“ денеска да пратиме порака дека сите ние со личен пример, како индивидуално, така и заеднички, придонесуваме кон поздрава иднина за сите нас и за идните поколенија, порача Сали.
Од аспект на Владата и Министерството за здравство, како што додаде министерот, справувањето со аерозагадувањето, како и почитувањето на воспоставените стандарди за безбедност за храна и вода за пиење се нивна стратешка цел и приоритет, што се реализира со соработка со сите релевантни институции.
– Во оваа насока ќе продолжиме да делуваме и во иднина, нагласи министерот за здравство.
Сали се осврна на работењето на Министерството за здравство во насока на подобрување на здравствената грижа во земјата, истакнувајќи дека во континуитет обезбедуваат нова медицинска опрема за повеќе јавни здравствени установи.
– Имајќе предвид дека веднаш по стапувањето на функцијата се соочив со предизвикот Ковид-19, една од моите одлуки беше надградување на Комисијата за заразни болести, со цел да овозможиме вклучување на поголем број на стручни лица од различни специјалности, а во исто време и поголема транспарентност во работењето, посочи Сали.
Министерот порача дека вакцинацијата е најдобрата превентивна мерка за справување со вирусот и во таа насока иницирале широка кампања со смс пораки, како и караван за вакцинација против Ковид-19 во повеќе локални заедници низ државата, за полесен пристап до имунизација.
– Паралелно вложуваме и во зајакнување на дијагностиката. На Институтот за радиологија деновиве се инсталирани четири нови апарати за компијутерска томографија и за магнетна резонанца. Во соработка со Светска банка, со оваа инвестиција овозможуваме полесен пристап на пациентите до потребните дијагностички услуги, а со тоа и побрза детекција и третман на заболувањето. Особено ако станува збор за малигни заболувања, раната детекција е клучна, истакна Сали.