Сали: Не се споменува намалување на плати или укинување на дежурства


Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство Беким Сали во одговор на новинарско прашање изјави дека се што се говори надвор од официјалното соопштение по вчерашниот состанок со Синдикатот на Клиничкиот центар и Лекарската комора, е шпекулација.

– Сето тоа се шпекулации од кругови на опозиција. Вчерашниот состанок што го одржавме е инициран со оваа цел, разјаснување на тоа што работиме и до каде сме стигнале. Нашето соопштение беше јасно, се работи за почитување на Колективниот договор. Во ниту еден момент не се споменува намалување на плати или укинување на дежурства, сè што е надвор од тоа соопштение е шпекулација со политичка заднина, изјави министерот Сали на денешното одбележување на Светскиот ден на предвремено родени деца.

Тој вели дека постојано работат на промоција на нови вредности и реформи во здравството и се дискутира за оптимизација на здравствените услуги, на целиот здравствен систем и на целата логистика во здравството, како дел од стратегија што треба да биде реализирана до 2030 година.

Во однос на тоа дали ќе се укинат економските директори и Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ да се врати како во 2006 година, со цел да се заштеди, министерот посочи дека тоа е само еден сегмент за којшто треба да се преземат мерки за реализација.

– Прва фаза е скенирање на работата на директорите, потоа ефикасноста на работата на сите здравствени установи. Оваа фаза на ревидирање што започна во октомври сигурно ќе одземе време, но еднаш за секогаш треба да одлучиме какво здравство ќе имаме, дали е независен систем или ефикасен, што ќе обезбеди здрава нација, посочи Сали.

На прашањето дали здравствените работници ќе добијат линеарно зголемување на платите, министерот истакна дека потребите на вработените се реални, но дека тој води здравствени политики и во делот на финансирање има повеќе ресори што треба да се усогласат за одредена политика.

– Доколку имаме инфлација, паралелно со инфлацијата со зголемување на минималната плата треба да се усогласат и сите други плати. Комунициравме со министерот за финансии, побарана е поддршка во делот на вработените кои имаат побарувања. За конкретен износ не можам да зборам денеска, бидејќи јас не ги одредувам финансиските износи, но дека треба поддршка за Клинички, треба. Се договоривме тој најавен штрајк да се одложи за две недели, а во меѓувреме ќе комуницираме со сите засегнати страни, бидејќи сега сме во фаза на преговори со Фондот за здравствено осигурување за обезбедување Буџет за идната година, додаде министерот за здравство Сали.