Саксофонистот Кирил Кузманов ja доби наградата за најдобар џез музичар за 2024


Саксофонистот Кирил Кузманов е годинашниот добитник на Наградата за најдобар џез музичар во Македонија, што традиционално ја доделува Скопскиот џез фестивал (СЏФ). Кузманов е вториот член на „Некст ту сајленс“ кој ја добива оваа награда, по клавијатуристот Филип Димишковски, а ќе му биде врачена пред концертот на групата на првиот ден на СЏФ на 17 октомври.

Кузманов дипломирал и магистрирал со највисоки оценки на престижниот Универзитет за музика и изведувачки уметности во Грац, по што се врати во Македонија. Член е и еден од основачите на Биг бендот на Здружението на џез музичари и слободни уметници, кој стана Национален џез оркестар.

 

Настапувал во Амстердам, Виена, Хамбург, Франкфурт, Цирих, Љубљана, Минхен, Берлин, Копенхаген и во други европски градови. Тој е насловен вонреден професор по саксофон и џез ансамбл на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.