Сакам операта посилно да допре до човековото срце и душа, вели Милка Ефтимова, автор на македонската порака за Светскиот ден на операта


Фото: Б. Грданоски

„Во овие времиња кога човештвото се соочува со многу предизвици, за сите оние кои живеат и дишат со оперската музика, токму таа претставува нивниот најголем прозорец кон поубавото и попријатното, вели оперската примадона Милка Ефтимова, авторка на годинашната македонска порака за Светскиот ден на операта, 25 Октомври.

Ефтимова (86), алт и мецосопран певица, е доајен на Македонската опера и редовен професор во пензија на Факултетот за музичка уметност во Скопје. 

„Операта, како најкомплексна и најсложена уметничка форма се создава и се восприема само со љубов. Тогаш, состојбата на човековиот дух преминува во друга димензија, во која моќта на оперската уметност може негативната енергија да ја трансформира во позитивна, невозможното да го претвори во возможно и апстрактното да го направи конкретно. Едноставно, да ја промени реалноста. Посакувам во иднина, оперската уметност како производ на творечката имагинација на голем број великани од музичката историја и современост, преку изведбите во живо на актуелните уметници, но и преку снимените аудио и видео изданија на сите оние кои ги овековечиле своите интерпретации, уште повеќе и многу посилно да допира до човековото срце и што подлабоко да продира во човековата душа“, вели Ефтимова меѓудругото во македонската порака за Светскиот ден на операта. Коавторот и уредник на текстот за примадоната Ефтимова е  Александар Трајковски.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, на свечена церемонија во Филхармонија, во март, ја одликуваше Милка Ефтимова со Орден за заслуги на Република Северна Македонија/ Фото: Б. Грданоски

Ја паметиме по прекрасната улога на Кармен, која ѝ донесе и регионална слава и по прекрасниот глас што останува наше културно и духовно наследство и безвременска вредност и радост на нашето поднебје.

Во 1961 година првпат застанала на сцената на оперскиот театар. Првата улога ѝ била Ацучена во Вердиевиот „Трубадур“, а од оперската сцена јубилејно се простила со Кармен во 1991 година. Таа ѝ била 157. претстава.

Ефтимова и во деветтата деценија изгледа отмено, не излегува надвор недотерана и без шминка, а меморијата ѝ работи како швајцарски часовник.

– Ми недостигаат сцената, публиката, никогаш нема да ги заборавам настапите ширум Европа, Америка и во Македонија, само на „Охридско лето“ настапував дваесет пати… Улогите во „Трубадур“, „Бал под маски“, „Мадам Батерфлај“, „Евгениј Оњегин“, „Кавалерија Рустикана“, „Кнез Игор“, „Фауст“, „Кармен“, по која најмногу ме препознаваат. Од нас се очекуваше улогите да ги пееме во оригинал, на италијански, германски или француски јазик – изјави Ефтимова за „Независен“, по повод објавувањето на книгата „Моето богатство“, поддржана од Министерството за култура. На 4оо страници, со текст и фотографии,  Ефтимова раскажува за  музичките почетоци во родниот Радовиш, отворањето на нејзиниот музеј во родниот град, присуството  во општествено-културниот живот, потсетување на освоените награди, признанија, медали и благодарници, ревијата на нејзините костими за хумана цел, секојдневниот живот исполнет со дружење со семејството, пријателите, учениците, дипломатскиот кор…