„Сајберкултура“ – уметнички мозаик на средношколци за влијание на социјалните медиуми


По повод Меѓународниот ден на лица со попреченост, ученици од осум скопски гимназии креираа уметнички инклузивен мозаик на тема за социјална инклузија „Сајберкултура“. Целта на проектот е да се увиде како сајбер културата или социјалните медиуми влијаат врз младите и начинот на кој што тие размислуваат.

Изложбата е отворена во националната галерија „Мала станица“, а учествуваат средните училишта „Никола Карев“, „Орце Николов“, „Јосип Броз Тито“, „Меѓународната матура“, ДУЦОР „Партенија Зографски“, AHSS „American High School“, СУГС „Лазар Танев“, СУГС „Зеф Љуш Марку“ и СУГС „Арсени Јовков“.

Секое училиште има пратено по десетина творби во различен ликовен правец – стрип, скулптура, цртежи, графика, дигитални форми.

Според едукаторот на проектот Маја Димитрова, сајбер културата е секаде околу нас, и целта е истата повеќе да се разработи и да се види како младите луѓе размислуваат за оваа тема.

-Сметавме дека треба малку повеќе да ја разработиме, да видиме како младите луѓе размислуваат, колку социјалните медиуми влиајат на нив, дали на добар начин или пак не, дали можеби социјалните медиуми влијаат на инклузивноста, бидејќи самиот проект социјална инклузија ги опфаќа и децата со попреченост, како и оние од редовната настава, изјави Димитрова на отворањето на изложбата.

Таа е напомена дека е голем одзивот на децата кои работеа на овој проект, бидејќи како што посочи, темата беше многу интересна за сите нив.

Директорката на галеријата, Дита Старова Ќерими смета дека токму преку сајбер културата сите сме еднакви.

-Преку целата година бевме активни и некако сакавме да дадеме импакт на последната изложба, а тоа е дека се почнува од најмала возраст. Од најмалата возраст се почнува со љубовта кон уметноста, со љубовта кон општеството, со љубовта еден кон друг и токму преку сјабер културата, која што ни се наметна како тема после пандемијата, после издвојувањето едни од други, со некои категории на посебности токму и ни треба зближувањето, додаде директорката.

Таа порача дека целта е токму со оваа изложба да се означи крајот на годината, бидејќи учествуваат младите кои утре или задутре можат да бидат идните водачи на нашето општестсво.

Изложбата ќе биде отворена до 5 јануари 2022 година. За време на изложбата, директорката на галеријата и едукаторката на проектот на сите учесници им доделија благодарници и пригодни подароци.