Саити: Случајот „Рекет“ негативно влијае на рејтингот на судството и на довербата


Генерално на општата доверба на граѓаните во правосудниот систем ќе влијае негативно, иако одредени политички структури и одредени структури од меѓународната заедница го поздравија овој чин со тоа што сметаат дека е едно ново поглавје од борбата против корупцијата и организираниот криминал, вели за случајот „Рекет“, Џемали Саити, претседател на Здружението на судии во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

„Но генерално сметам дека оваа постапка негативно ќе влијае на рејтингот на судството, на довербата, но од друга страна доколку се спроведе на вистински начин, иако во оваа фаза, искрен сум, морам да признам, оваа постапка се води поприлично јавно и поприлично на некој фолклорен начин да кажам, за тоа што се уште немаме ние конкретни акти по однос на предметот. Доколку е така, сметам дека тоа е постапка која треба да се спроведе на таков начин, но последиците по СЈО се познати, значи негативни се. Ќе се обидат веројатно политичките чинители да најдат решение, рамка, како тоа да се ублажи во однос на целата структура на СЈО, но тука се согласувам и со мислењето на професор Гордан Калајџиев, кој истакна дека судбината на СЈО сепак е врзана со првиот човек, затоа што СЈО е јавниот обвинител, сите други се во функција на обавување на таа дејност“, вели во интервуто Саити, претседател на Здружението на судии

Во однос на законското решение за Јавното обвинителство и дали тоа ќе биде мета на политички пазарења, Саити вели дека политичките пазарења имаат своја цена и тоа некаде ќе се одрази.

„Воопшто не е битно во какви услови е донесен законот, битно е што ќе се вгради како одредба. Се надевам дека ќе имаме помалку контроверзни одредби, кристално чисти, јасни одредби кои ќе ја олеснат работата на судството. Политичките пазарења имаат своја цена и тоа некаде ќе се одрази. За жал, сите комбинации на грбот на судството се штетни. Неколкупати, и на јавната расправа во Собрание во однос на законот за судови, истакнав дека сите комбинации кои се прават врз грбот на судството се штетни. Факт е дека суверенот, односно народот преку пратениците ги дефинира законите, постапките, но би го замолил сега суверенот да прави помалку процесни празнини, слабости кои би се одразиле во однос на нашата примена во практиката, вели во интервјуто Саити, претседател на Здружението на судии“, вели во инервјуото Саити.

Во однос на прашањето за ветингот, инцијатива која ја отфрли премиерот Заев со образложение дека може да останеме без судии, Саити вели дека доколку се пристапи кон овој процес да се обмисли од аспект на последиците кои би биле после ветингот дали ние сакаме прочистување на судии или сакаме состојба да нема кој да суди.

“Ветингот е многу интересно прашање. Сведоци сме дека во јавноста имаме повремено изјави, некогаш одмерени, некогаш неодмерени, по мене две групи на луѓе кои даваат такви изјави. Во едната група би ги сврстил луѓето кои воопшто не размислуваат за правните последици што после ветингот. И втората група која сметам дека одработува веројатно за некоја од политичките структури или за некој од центрите на моќ кои инсистираат без целоста анализа да се има ветинг.

Мојот став неколку пати сум го истакнал и сум апелирал пред судиите на крупни настани, ветингот да биде процес на самоевалуација на судиите, односно ние преку нашите одлуки да потврдиме, да докажеме пред јавноста, дека навистина носиме правилно одлуки и немаме проблем со тие работи. Во ова насока мора да го истакнеме и ставот на Прибе кој вели дека имаме проблем со одредена мала група на судии кои треба да се процесуираат и да се види дали навистина имаат негативен пристап во судењето.

Вие немате генерален проблем, генерално ги исполнувате условите, имате задоволителни капацитети, затоа сметам дека ветингот, пред да се пристапи кон овој процес, доколку се пристапи, треба навистина да се обмисли од аспект на последиците кои би биле после ветинг, дали ние сакаме прочистување на судии или сакаме состојба да нема кој да суди. Тоа се многу симптоматични прашања, затоа сметам дека премиерот Зоран Заев можеби овие аспекти ги опфаќа“, вели Саити во интервју за Радио Слободна Европа.