Саемот на книги со поголема посетеност од лани, дали и продажбата е зголемена?


Фото: Б. Грданоски

Јубилејното 35. издание на Саем на книга веќе е во полн ек, а широките коридори во Арена – „Борис Трајковски“ – со распоред и растојание на штандовите, осмислени согласно сите стандарди за реализација на културна манифестација од ваков вид – секојдневно се исполнети со посетители, кои комфорно ги разгледуваат саемските понуди на штандовите на повеќе од 60 издавачки куќи. Толку многу жанрови и авторски стилови, што има сѐ за секого, дури и за читателите со најмногу желби, барања, очекувања.

Организаторот посочува на позитивен раст од 25 отсто поголема посетеност во првите три дена од годинешниот Саем на книга, во однос на минатата година. Истото не е изненадувачко, имајќи ги во предвид програмата во промотивниот центар како и многуте промоции на издавачите, во склоп на својата програма, коишто годинава се значително диверзифицирани и многубројни. Очекувано, сето е во улога на магнет за љубителите на книгите, кои се центарот и целта за постоењето на овој саем. Организаторот очекува бројот на посетители оваа година да достигне 30.000, како во предпандемичниот период, а средбите со авторите, работилниците, трибините, секако придонесуваат за истото.

Сепак, по фејсбук групите наменети за читатели и разменување мислења, нивниот впечаток е дека се купуваат помалку книги. Забележително е дека луѓето гледаат, разгледуваат и купуваат една до две книги. Дел од нив сметаат дека тоа се должи на цената на книгите, која е висока, што поради економските кризи кои го зафатија светот, што поради тоа што издавачките куќи г нудат истите или дури и поголеми попусти на онлајн продавниците кои ги имаат. 

Полесно е да нарачаш книги кои ќе ти стигнат на домашна адреса, откоклку да ги носиш од саем. 

Голем број реномирани и познати авторски имиња веќе се појавија и се дел од програмата во најпознатата арена во Скопје, во којашто од 4 мај, согласно уредениот простор за потребите на овој саем, не се видливи трибините, ниту пак се има чувство дека посетителите се наоѓаат во спортска сала, туку во еден сосема поинаков трансформиран простор.

Игор Џамбазов, Влада Урошевиќ, Ана Јовковска, Венко Андоновски, Васил Мукаетов, Наташа Сарџоска, Велко Неделковски, Станислав Петковски-Сашо, Виолета Танчева-Златева, Вања Изова, Петар Андоновски, Анде Јанков, Ана Аврамовска, Дарко Симуновски, Александар Прокопиев, Бистра Георгиева, Игор Станојоски, Жарко Кујунџиски, се само дел од многуте имиња кои се дел од годинешната програма на средби и читања со автори на Саем на книга. Во самиот простор, саемот и штандовите ги красат висечките табли со мисли од безвременски легендарни имиња во македонската и светската книжевност како Кочо Рацин, Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Лав Толстој, Франц Кафка…

Интернационалното име во светот на модерната литература, авторот Крис Картер, во организација на „Сакам книги“, направи вистински бум на саемот. Со часови, читателите со негова книга во рака, чекаа автограм и да проговорат неколку збора со мајсторот на трилерот.

Уште една позитивна страна од јубилејното издание на Саемот на книга е што едни од најбројните посетители оваа година се токму младите и учениците од разни училишта во државата, факт што влева надеж за идните генерации и нивните навики.

Издавачките куќи како учесници се многубројни, а дел од препознатливите имиња се Академска Книга, Издавачки Центар Три, Паблишер, Антолог, Сакам Книги, Арс Ламина, Литература, Топер, Светот на Биби, Антолог, Полица, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Државен Архив, Бата Прес, Ѓурѓа, Муза, Гаврош, Сигма Прес, Магор, Чудна шума, ПНВ Публикации, Гноса, Macedonia from Above, Бегемот, Сказнувалка, Славика Либрис, Прозарт Медиа, Едиција Светулка, Бункер, Логос А, Нобел, Јени Балкан, Оливера Ќирковиќ, Феникс, и други. На влезот на саемот можат да се видат и бројни ракотворби. Дел од изведувачите имаат и своја селекција на топ 3 наслови на Саем на книга, достапни во онлајн каталогот на Скопски Саем.

35. Меѓународен Саем на книга трае до 10 мај 2023 година, во Арена – „Борис Трајковски“ во Скопје, со работно време секој ден од 10 до 20 часот. На 10.05.2023 саемот ќе биде отворен сѐ до 18 часот.

Фото: Б. Грданоски