Саем на локални производи ,,Вкусот на Тиквешијата” во Кавадарци

„Вкусот на Тиквешијата”, е насловен саемот на локални производи, што денеска од пладне, ќе се реализира на градскиот пазар во Кавадарци. Организатор на настанот е Комисијата за еднакви можности при Општина Кавадарци.
– Вкусот на локалните производи ја раскажува приказната на еден народ. На раце што создаваат, на срце што не заборава. Ќе имаме кошници полни задоволства, што мирисаат на едно детство. Слатко од грозје како кај баба, сирење што крцка под нож, вез што зборува без зборови, буркан со сонце – твојот мед. Ќе имаме производители и луѓе што ќе го ценат нивниот труд, секој нивен час, нивната пот, нивниот конец. На саемот ќе може и да се купат производи, појасни Марија Камчева, координатор за еднакви можности при Општина Кавадарци.
Таа порача да го славиме заедно вкусот на минатото и надежта на иднината. Затоа што, како што подвлече, традицијата не се купува – се негува. И се носи во рацете на луѓето.