Саем на книга на албанските издавачи во Гостивар


Десетина издавачи од земјава, Албанија и Косово денеска и утре ќе се претстават пред љубителите на пишаниот збор во Гостивар во рамки на патувачкиот саем на книгата.

На штандовите ќе бидат изложени најновите и постари изданија на книги од повеќе области.

– Ние од 2000 година учествуваме на саеми во земјава и надвор од неа. Перманентно се обидуваме, заедно со авторите, поети и литерати, вработените во образованието, целиот спектар да се стави во функција на интелектуалното унапредување на знаењето и културата во општестовото, рече претседателот на Здружението на албански издавачи, Абдулмеџит Салиу.

На отворањето беше и градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, кој ги повика сограѓаните да го посетат саемот и да одберат нешто бидејќи, како што рече, има убав избор на наслови.

– Сметам дека кај нас малку се чита и таа слика треба да се подобри. Цените не се високи и граѓаните можат да се дозволат да купат по некој наслов. Впрочем, и нашата интелигенција се развива со читањето, па затоа топло препорачувам повеќе читање, рече Таравари, дополнувајќи дека во последно време чита книги за политиката.

Саемот е дел од проектот „Патување со книгата“ што го спроведува Здружението на албанските издавачи и предвидено е да опфати седум градови низ Македонија. Пред Гостивар, дводневни саеми имаше во Куманово и Скопје.

По Гостивар, саемот на книгата ќе има во Кичево и Струга. Последната станица на карванот ќе биде Тетово, каде од 23 до 27 декември се одржува традиционалниот саем на книгата.