САД воведоа санкции против Сбербанк


Американската администрација денеска воведе санкции за најголемата руска банка Сбербанк, соопшти Министерството за финансии.

Американските институции мора да ги затворат своите сметки во Сбербанк во рок од 30 дена.

Сбербанк, во мнозинска државна сопственост, е најголемиот кредитор на руската економија и банка со најмногу штедни влогови.

Американскиот претседател Џо Бајден претходно најави мерки против втората по големина руска банка ВТБ. Тоа значи дека сега 80 отсто од имотот на руските банки се предмет на санкции.

САД воведоа санкции и против Белорусија, која е вклучена во инвазијата на Украина.

Министерството за финансии таргетираше 24 белоруски поединци и организации. Санкциите се насочени кон одбранбениот сектор и банките кои имаат особено блиски односи со Москва. Санкциите се насочени кон околу една петтина од финансискиот сектор на Белорусија.

Јапонија и Нов Зеланд утрово најавија нови санкции против Русија.