САД воведе санкции за хашки судии

 

САД воведоа санкции за високи претставници на Меѓународниот кривичен суд (МКС), вклучувајќи ја и главната обвинителка Фатуи Бенсуди.

Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, го обвини судот за нелегитимни обиди да ги подведе Американците под негова јурисдикција, јави Би-Би-Си.

Судот чие седиште е во Хаг во моментов истражува дали американските сили извршиле воени злосторства во Авганистан.

САД го критикуваа судот уште од неговото основање и се меѓу 10-те земји кои не го ратификуваа неговиот статут.

Американскиот претседател Доналд Трамп во јуни издаде извршна наредба со која им се дозволува на САД да го блокираат имотот на вработените во МКС. Тој неколку пати го напаѓаше ова тело и ја доведуваше во прашање неговата независност.

Обраќајќи им се на новинарите, Помпео кажа дека овие санкции се следниот чекор, што следеше по извршната наредба.