САД ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност за итен прекин на огнот во Газа


 

Откако гласањето беше одложувано неколку пати САД ставија вето на гласањето на Советот за безбедност на ОН за резолуцијата со која се бара итен хуманитарен прекин на огнот во Газа. Тринаесет земји беа „за“, а Велика Британија се воздржа.

Претставникот во ОН на Обединетите Арапски Емирати, говорејќи пред гласањето на Советот за безбедност, рече дека најмалку 97 земји-членки ја ко-спонзорирале резолуцијата.

Резолуцијата „е јасна во својата намера – итен хуманитарен прекин на огнот“, рече тој. Спасувањето животи во моментов, мора да ги надмине сите други размислувања, додаде тој.

Медицинската добротворна организација Лекари без граници (МСФ) го обвини Советот за безбедност на ОН дека е „соучесник во тековниот колеж“ во Газа поради неговата „неактивност“ среде хуманитарната криза на територијата.

Од падот на привременото примирје меѓу Израел и Хамас, Лекари без граници соопштија дека нивниот тим бил сведок на „обновување на неселективно убивање и присилно раселување со зачудувачки размери и интензитет“.

Во соопштението на МСФ се вели:

„До денес, неактивноста на Советот за безбедност на Обединетите нации и ветата од земјите-членки, особено Соединетите Американски Држави, ги прават соучесници во тековниот колеж; оваа неактивност даде дозвола за масовно убивање на мажи, жени и деца. Ова е тотална војна која не ги штеди цивилите“, се додава.