САД ставија уште петмина познати Бугари на црната листа поради корупција

Еден од санкционираните според законот „Магнитски“ е и министерот за финансии во владата на ГЕРБ, Владислав Горанов


 

Поранешниот министер за финансии од владата на ГЕРБ Владислав Горанов и поранешниот вицепремиер и министер за енергетика Румен Овчаров се меѓу Бугарите санкционирани според глобалниот закон „Магнитски“.

Санкционирани се вкупно пет лица, меѓу кои и двајцата поранешни шефови на нуклеарната централа „Козлодуј“, Иван Генов и Александар Николов. Петтото лице во истрагата е Николај Малинов, кој е обвинет за шпионажа во корист на Русите, кој е лидер на движењето „Русофили“.

Ова се случи во присуство во Софија на Џим О’Брајан, шеф на Канцеларијата за координација на санкции во американскиот Стејт департмент.

Ова е втор потег на САД против бугарски политички актери поврзани со голема корупција. Во јуни 2021 САД ги санкционираа познатите политички и бизнис фигури Делјан Пеевски, Васил Божков и Илко Жељазков за корупција. Бугарските власти не презедоа ништо во врска со овие наводи. Озлогласениот Делјан Пеевски дури беше пак избран во парламентот на листата на турската партија ДПС.

Неколку минути по објавувањето на санкциите се јави кабинетот на претседателот Румен Радев:

„Шефот на државата Румен Радев високо ја цени поддршката на бугарските стратешки партнери, САД и Велика Британија, во борбата против корупцијата, за што придонесуваат санкциите наметнати врз бугарските граѓани. Претседателот Румен Радев ги повика бугарските институции и политичарите за вистинска и непоколеблива посветеност на борбата против корупцијата и афирмирање на владеењето на правото. Нашето општество очекува следното собрание да се заложи за антикорупциската легислатива предложена од преодната влада“.

Важен детал е што мерките овојпат се координирани со Велика Британија, која казнува тројца од првите санкционирани во САД според законот „Магнитски“ – Делјан Пеевски, Илко Жељазков и Васил Божков. Во 2021 година, сите тројца беа обвинети од САД за сериозна корупција, но бугарското обвинителство не најде ништо од тој вид.

Во соопштението на британското Министерство за надворешни работи тие се опишани како „поранешен пратеник“, „поранешен офицер за национална безбедност“ и „најбогат човек во Бугарија“.

„Велика Британија и Соединетите Држави преземаат координирана акција за искоренување на корупцијата во Бугарија. Транспаренси интернешнал ја рангира Бугарија како една од земјите најпогодени од корупцијата во Европа“, пишува британскиот Форин Офис.

Тројцата се санкционирани поради злоупотреба на овластувањата со пренасочување на државни средства за своја корист. Ним им беа изречени забрани за патување и замрзнување на имотот според глобалниот режим на санкции за антикорупција во ОК.

Заедно со тројцата Бугари, Лондон санкционираше вкупно 35 поединци и ентитети под глобалниот антикорупциски режим од неговото воведување во април 2021 година.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во својот став во однос на воведените санкции посочи дека тие имаат за цел да ѝ помогнат на Бугарија да спроведе критични реформи во областа на владеењето на правото.

„САД, во координација со Обединетото Кралство, преземаат активности за да се спротивстават на системската корупција во Бугарија“, рече тој.

Во ставот се прецизира дека именуваните лица се вмешани во корупција што доведе до нелегална лична корист, поткопување на демократските институции на земјата и зајакнување на нејзината корозивна зависност од руските енергетски извори.

„Корупцијата поврзана со овие лица е одраз на системска шема на лично збогатување на сметка на бугарскиот народ, влада и демократските институции. Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство цврсто стојат со оние во Бугарија кои се обидуваат да се справат со корупцијата и да ја зајакнат надмоќта на законот“, вели Блинкен.

Владислав Горанов е првиот претставник на ГЕРБ, јасно поврзан со Борисов, кој е директно обвинет за корупција. Од соопштението на американското Министерство за финансии е јасно дека Горанов е санкциониран за дејствија поврзани со интересите на двајцата претходно санкционирани од „Магнитски“ – Делјан Пеевски и Васил Божков.

„Горанов има врски со олигархот и поранешен бугарски пратеник Делијан Пеевски. Горанов ја искористи својата позиција како министер за финансии за да го олесни поткупот на бугарските функционери и да ја лиши бугарската влада од даночни приходи во корист на бугарските олигарси“, стои во соопштението.