САД санкционираа двајца српски државјани и четири фирми поради Русија


По повод втората годишнина од инвазијата на Русија на Украина и како одговор на смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, САД во петокот санкционираа повеќе од 500 поединци и компании во Русија и во други делови на светот, меѓу кои се наоѓаат и двајца српски државјани и четири српски фирми, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што соопшти Глас на Америка (ВОА), Одделот за контрола на странски средства (OFAC), на американското Министерство за финансии, санкционираше речиси 300 поединци и компании, а целта на санкциите е ускратување на Русија на ресурсите што и се потребни за војната против Украина, вклучително и спречување на избегнување санкции.

Еден од српските државјани е Драган Драгаш (роден во 1982 година) за кој се наведува дека претставува секундарен ризик за санкции и дека причината поради која се најде на списокот е тоа што „работел или работи во економскиот сектор на Руската Федерација со цел на поддршка на руската воено-индустриска база“.

Истата причина е наведена и вториот Србин-Марко Сворчан (роден 1967 г.). Неговата фирма „Коминвекс ДОО Белград“, „извезувала стока и опрема во вредност од десетици милиони долари на руски компании за електроника“.

Фирмата „Соха инфо ДОО Нови Бановци“, чиј директор и сопственик е Драгаш, „извезувала во Русија електроника со двојна намена, вредна милиони долари“.

Третата фирма што се најде под санкции е компанијата „Гудфординг ДОО Белград“ која од февруари 2024 година има направено стотици пратки во Русија, вклучувајќи електронска стока неопходна за производство на ракети, беспилотни летала и муниција.

Четвртата компанијата „Research and Development Company TR Industries“ чиј директор е Никола Обрадовиќ се наведува дека е специјализирана за развој на електронска радио опрема, разузнавачки оптоелектронски системи и системи за навигација и дека во Русија „испратила работи како што се интегрирани кола и повеќеслојни керамички кондензатори“. Главен примач на таа стока била руската компанија Ареткс, која исто така се најде на списокот за санкции.

РСЕ во анализата во 2023 година наведува дека „Коминвекс“ е компанија „која од почетокот на инвазијата на Украина до август 2023 година, за помалку од година и пол извезла стока во Русија вредна повеќе од 140 милиони долари“.

-Третина од извезените производи, односно стоки вредни повеќе од 50 милиони долари, според царинските ознаки, се електронски компоненти кои подлежат на санкции од ЕУ бидејќи можат да се користат во воената индустрија, покажа анализата на РСЕ.

РСЕ пишуваше и за компанијата „Соха инфо“, наведувајќи дека „од октомври 2022 година до крајот на јули 2023 година во Русија извезла стока во вредност од 18 милиони долари“, како и за компанијата „Гудфорвардинг“ која извезувала стока во Русија за кои службите на ЕУ идентификуваа дека може да се користат „во руските воени системи на фронтот во Украина“.