САД сакаат резултат, а не стратегии за пресметка со корупцијата

Заменик шефот на мисијата на САД, Ерик Мејер, на регионалната конференција за борба против корупцијата во Скопје, уште еднаш посочи дека САД чекаат резултати од нас и дека внимателно следат колку од преземените обврски на овој план – навистина се остваруваат. Наспроти сугестиите од страна на функционери од Владата дека САД се нудат да ни помогнат во борбата со корупцијата, настапот на Мејер сугерираше дека бараат отчет за досега дадените ветувања и за потрошените пари во правосудството.
Откако потенцираше дека корупцијата, перењето пари , финансискиот криминал и другите коруптивни практики се безбедносно прашање, тој потсети дека лани на регионално ниво бил усогласен патоказ за синхронизирано справување со нив. САД, нагласи тој, ќе продолжат да ги подржуваат тие напори, но за да бидат тие успешни секоја земја треба да покаже независни активности, да покаже политичка волја од страна на лидерите и да покаже дека секторот за криминална правда е ослободен од политички и други надворешни влијанија.
-Секоја змја е одговорна за политичките обврски што ги презела. Без тоа патоказот за борба против корупцијата не е ништо друго освен неимплементиран стратегиски план кој ќе ги остави граѓаните разочарани. Ние очекуваме резултати по десетиците милиони долари инвестирани во криминалната правда само во Македонија и ќе го следиме имплементирањето на преземените обврски, порача Мејер.
Тој практично се надоврза на забелешките на евроамбасадорот Дејвид Гир кој рече дека има ургентна питреба за пресметка со корупцијата, но за да се постигне тоа не се доволни добрите намери што ги искажуваат институциите, туку да се направи многу повеќе. Тој ги посочи како причини за корупцијата недостигот на транспарентност, непотизмот, кронизмот, па и менталитетот, повикувајќи ги институциите, медиумите, невладините и други да се вклучат во нивно искоренување , со порака дека е време да кажеме – доста е!
На обидите за релативизирање на актуелната состојба со корупцијата тој одговори со пораката дека случувањата во ЕП покажале дека и ЕУ се соочува со корупција, но дека исто така системот покажал дека функционира и дека се справува брзо со неа, повикувајќи ја Владата да ја води антикорупциската борба така што таа ќе вклучи – и спроведување на законите и санкции.
Inaku, aмериканскиот тим за санкции кој ја вжешти дебатата за корупцијата, дојде, побара што им беше потребно и замина назад за Вашингтон. Неговата работа, како што опбјави Нова ТВ, сега е да му предложи на државниот секретар кои сегашни и поранешни функционери од Македонија ќе им се придружат на Никола Груевски и Сашо Мијалков на таканаречената црна листа на која се наоѓаат личности кои поради вклученост во корупција или кршење на човековите права се лишени од можноста да добијат виза за патување во САД.
Целта на овој механизам на Стејт департментот воспоставен уште во раните 90-ти години е да „именува и засрами” и воедно да ги повика на одговорност оние кои се вклучени во значителна корупција. САД ќе продолжат да ги користат сите достапни алатки за борба против корупцијата на глобално ниво, изјавиле за НОВА од амбасадата на САД, по заминувањето на американскиот тим за санкции
Стејт департментот минатата недела разгледувал, како што велат, низа достапни органи, во координација со меѓуагенциските колеги, да преземат соодветни активности за да одговорат на корупцијата. Означувањето во координација со релевантните институции во Македонија им дозволува на САД, како што се вели во изјавата „да промовираат одговорност за сегашните и поранешните владини функционери кои се впуштаат во корупција или вршат кршење и злоупотреби на човековите права и да ги поддржат напорите за попречување или одвраќање на идните злоупотреби”, според членот 7031(Ц) од Законот за доделување на средства на Стејт департменот.
Билјана Ивановска, претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, синоќа на Алсат ТВ му порача на новиот шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, да не ги чува во фиока предметите кои се поднесени од страна на „Антикорупциска“.
– Имате повеќе случаи. Имате за поранешниот министер за култура кој потпиша неовластени буџетски средства. Имате двајца генерални секретари од Владата кои потпишаа договори за авторски права, имате директор на агенцијата за филм, имате директор на јавно претпријатие за спортски објекти и мислам дека го имате ректорот на најголемиот универзитет во државата. Значи имаме многу пријавени иницијативи, поконкретно за кривично гонење, кои ги доставивме до обвинителството, за кои се уште чекам и не заборавајте, го имаме предметот кој е од извонредно значење за јавниот интерес и тоа е случај Холидеј Ин. Значи тој предмет сега ќе биде две години во јавното обвинителство со сите докази испратени таму и се уште чекаме одговор и веќе размислуваме да испратиме претставка до Советот јавни обвинители да вршат надзор над работата на обвинителот, што го спречува обвинителот да излезе со одлука на јавното обвинителство, за сите кои биле вклучени во процесот на одобрување на деталниот урбанистички план кој се реализира е спротивно на генералниот урбанистички план и има негативно влијание врз животната средина, набројуваше првиот човек на ДКСК.