САД сака да се снабди со гориво, ќе одобри продажба на „нечист“ бензин


Американската агенција за заштита на животната средина (ЕПА) повторно ќе одобри продажба на мешавини на бензин со висока содржина на етанол ова лето за да ги олесни потенцијалните прекини во снабдувањето поради конфликтите во Украина и на Блискиот Исток, покажа интерен документ. Кабинетот на претседателот Џо Бајден се подготвува да го продолжи периодот во кој Американците можат да купат Е15, бензин со 15 отсто содржина на етанол, трета година по ред.

Продажбата на ова гориво обично е забранета од 1 јуни до септември, бидејќи додавањето етанол во бензинот го зголемува загадувањето со смог на високи температури. „Бидејќи мерката не се очекува значително да ја промени ситуацијата со загадувањето на воздухот, ЕПА заклучува дека (…) тоа е во јавен интерес“, напиша шефот на ЕПА, Мајкл Реган.

Земјоделците ја одобруваат одлуката
Забраната ќе биде суспендирана од 1 мај на 20 дена, а администрацијата ќе ја продолжи доколку има потреба. Одлуката го развесели клучниот земјоделски регион во САД пред овогодинешните претседателски избори. Лобито на одгледувачи на пченка веќе подолго време се обидува да ја продолжи продажбата на цела година.

Во февруари, кабинетот на Бајден го одобри барањето на гувернерите за продажба на Е15 во нивните држави почнувајќи од 2025 година и во текот на летото. Задоволни се и од здружението на производители на горива.

„Го поздравуваме решителниот потег на претседателот Бајден“
„Додека цените на бензинот повторно растат и глобалните енергетски пазари се потресени од геополитички конфликти, ние го поздравуваме одлучувачкиот потег на претседателот Бајден и администраторот на ЕПА Мајкл Реган што треба да спречи потенцијален недостиг на гориво ова лето и да ги задржи цените на бензинот“, рече претседателот на Асоцијацијата Џеф Купер.

Пратениците во Сенатот, вклучително и републиканецот Џон Тун од Јужна Дакота и демократот Дик Дурбин од Илиноис, во писмо до претседателот Бајден тврдеа дека дозволувањето продажба на Е15 ќе ја подобри енергетската безбедност.