САД работат на прашањето за правата на ОМО „Илинден“ во Бугарија


За време на сослушувањето во поткомитет на Претставничкиот дом на Конгресот американскиот помошник-заменик државен секретар, Пабло Ескобар, освен што рече дека Македонија и Албанија мора да започнат преговори со Европската унија до крајот на годината, спомена дека САД работат и на прашањето за отфрлањето на правата на ОМО „Илинден“ од страна на бугарските власти.

Ескобар беше прашан од конгресмен што прават САД за кршење на „16-те пресуди“ за права на здружување на македонското малцинство во Бугарија.

Многу години наназад Европскиот суд за човекови права има донесено пресуди против Бугарија затоа што одбива да го регистрира ОМО „Илинден“, и тоа генерално со технички образложенија. Кога прашањето за ОМО „Илинден“ се појави во резолуцијата на Европскиот парламент за владеење на правото минатата година, Бугарија реагираше гневно.

Одговорот на Ескобар до конгресмените беше дека „нашиот амбасадор во Софија работи со европските партнери за решавање на овие прашања“ и дека партнерството со Бугарија исто така се заснова на „заеднички вредности“ и „сѐ што ги нарушува односите засновани на вредности е голема грижа за нас“.