САД против Џулијан Асанж


175 години затвор – толкава казна му се заканува на Џулијан Асанж бидејќи јавно објави воени злосторства на САД. Во Лондон денеска продолжува постапката за екстрадиција против основачот на Викиликс

Во Лондон има најмалку осум затвори. За Џулијан Асанж британското правосудство го одбра Белмарш. Затворот во источен Лондон со максимално ниво на безбедност е изграден за терористи и криминалци кои извршиле тешки кривични дела. Затворските услови важат за тешки. Дури и Википедија го опишува Белмарш како „британска верзија на Гвантанамо беј“.

Овој понеделник ќе се отвори ќелијата на Џулијан Асанж во Белмарш. Осовачот на платформата Викиликс ќе биде донесен во салата за сослушување во лондонскиот централен кривичен суд Олд Бејли. Во наредните три недели таму ќе му се одлучува судбината: дали 49-годишниот публицист врз основа на 18 точки од обвинението може да биде екстрадиран во САД? Доколку биде осуден, на Асанж му се закануваат 175 години затвор.

Германската пратеничка Хајке Хензел ќе го набљудува сослушувањето во судската сала. Заменик претседателката на пратеничката група на Левицата во Бундестагот смета дека постапката е „политички процес против истражувачки новинар“ и обвинува за екстериторијален прогон на „новинар, кој е на европско тло и кој работел како новинар во Европа“.

Моќни непријатели

Дека Асанж, опсипан со новинарски награди, си создаде моќни непријатели, стана јасно најдоцна во моментот кога Мајк Помпео во јули 2017 година ја опиша Викиликс како „недржавна непријателска тајна служба”. Тоа беше на неговиот прв јавен настап како шеф на ЦИА, нецела година пред Помпео да стане министер за надворешни работи. И за тогашниот американски министер за правда Џеф Сешнс „апсењето на Асанж беше приоритет.”

Причината: во 2010 година Викилис јавно објави половина милион американски документи, класифицирани како тајни, за војните во Ирак и Авганистан. Во нив има и документирани воени злосторства на американските војници. Како на пример видеото наречено „Колатерално убиство“ со кое Викиликс речиси преку ноќ се прослави на почетокот од 2010 година. На него се гледа како од еден американски воен хеликоптер се застрелани цивили во Багдад, меѓу кои и двајца новинари на Ројтерс.

Во 2011. Викиликс овозможи и да се „ѕирне“ во средиштето на американската надворешна политика. Оваа „свиркачка“ платформа објави четврт милиони тајни депеши од американските амбасади.

Пионер на модерното новинарство

За Кристијан Мир нема дилема дека Џулијан Асанж „го отвори патот за тоа како новинарите денес треба да се справуват со толкав обем на податоци.” Првиот човек на Репортери без граници за ДВ вели дека Асанж како основач на Викиликс објавил информации од исклучителна важност за глобалната јавност. „Поради тоа Репортери без граници стои зад Џулијан Асанж без компромиси.”

Christian Mihr (DW)Кристијан Мир, „Репортери без граници“

И Мир ќе биде денес во Лондон за да го набљудува процесот на сослушување. Сепак, пристапот за јавноста е доста ограничен. Мир не е сигурен дека ќе успее да добие столче за седење. Тоа не се должи само на ограничувањата поради коронавирусот. Мир беше и на првата рунда сослушување која се одржа кон крајот на февурари и тогаш беше шокиран што властите „очигледно немаа интерес да овозможат соодветно место за набљудување на процесот за претставници на невладини организации и парламентарци“.

Владеење на правото поткопано

Мир исто така беше шокиран и од околностите во кои се води постапката: „Асанж беше ставен зад стаклена витрина. Тој имаше потешкотии да комуницира со своите адвокати за време на процесот, што е законски услов за да може добро да ја следи постапката.“

Во случајот на Џулијан Асанж владеењето на правото е поткопано, критикува во разговор за ДВ и специјалниот известувач на ОН за тортура, Нилс Мелцер. „На Асанж не му се дозволени работи кои се подразбираат и кои им се дозволени, на пример и на најтешките воени злосторници во судот во Ден Хаг. Тој нема никаков контакт со своите американски адвокати, има многу ограничен контакт со своите британски адвокати и речиси никаков пристап до правната документација.” Мелцер исто така предава Меѓународно право на Универзитетот во Глазгов. Тој е категоричен: „Ова се исклучително сериозни процедурални повреди за кои нема потреба, ниту оправдување.”

DW Dokumentationen WikiLeaks - Staatsfeind Julian Assange (NDR)Џулијан Асанж е во Белмарш, затвор во источен Лондон со максимално ниво на безбедност, изграден за терористи и криминалци кои извршиле тешки кривични дела

Уште за време на неговиот престој во амбасадата на Еквадор, на Асанж му беше повредено правото на заштитена комуникација со неговите адвокати. Тоа произлегува од еден судски процес во Мадрид кој се води против Давид Моралес, поранешен сопственик на шпанска компанија за безбедност „Андеркавер Глобал“. За Моралес, кој бил најмен од еквадорската влада да се грижи за безбедност и заштита на амбасадата, се вели дека имал и друг налогодавач од САД за кој поставил прислушувачи во зградата. Се вели дека за него ја шпионирал и прислушувал амбасадата во Лондон.

Отворени писма и апели

Оттука не е изненадување тоа што кон средината на август над 160 адвокати и правници во едно отворено писмо до британскиот премиер Борис Џонсон бараа ослободување на Асанж. Во САД му се заканува „наместено судење“, велат потписниците на писмото. Ова е само едно од долгата редица отворени писма и апели.

Во јули, 40 новинарски здруженија меѓу кои и Репортери без граници, Меѓународната асоцијација на новинари и меѓународниот ПЕН ја повикаа британската влада да го ослободи Асанж. Претходно и над 200 лекари од 33 земји поднесоа исто барање.

И во Германија на почетокот на февруари над 130 претставници од политиката и културата потпишаа барање за ослободување на основачот на Викиликс. Меѓу нив не е само потпретседателот на парламентот Волфганг Кубики од ФДП, туку и поранешните министри за правда Херта Дојблер-Гмелин, Герхарт Баум и Сабине Лојтхојзер-Шнаренбергер, како и поранешниот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел.

Freilassung von Wikileaks-Gründer Julian Assange gefordert (picture-alliance/AA/A. Hosbas)Ангажман за Асанж: Герхарт Баум, Гинтер Валраф и Зигмар Габриел на почетокот од февруари 2020-та

САД: Хакер, а не новинар

Стратегијата на американското правосудство се заснова на напад врз Асанж не како публицист, туку како хакер. Обвинението од 18 точки може да се сублимира на три клучни: Асанж технички го поддржал изворот на тајните документи, Челзи Менинг, тој го поттикнал Менинг да достави уште материјали и свесно загрозил човечки животи со објавувањето на тајните депеши.

Менинг имал пристап до „протечениот“ материјал – како и десетици илјади други. Наводото барање да се обезбедат дополнителни документи, се заснова само на порака од разговор кој може различно да се толкува. А дипломатските депеши од амбасадите на кои се заснова третото обвинение се кодирани. Овој код беше споделен само со неколку новинари и медиумски куќи за да се спречи нередигирано објавување на содржината. Викиликс обвинува еден британски истражувачки новинар дека го објавил кодот во една книга и со тоа овозможил глобален пристап до контроверзниот материјал.

„САД сака да постави пример“

За експертот за тортура Мелцер во лондонскиот процес не се работи само за Џулијан Асанж. „Станува пред сѐ збор за злосторствата на неговите гонители, засегнатите држави: дека тие го поткопуваат владеењето на правото, дека одбиваат да ги повикаат на одговорност своите воени злосторници и луѓе кои извршиле тортура, и дека сакаат да му покажат пример на светот дека секој што ќе објави информации за државни воени злосторства може да биде осуден како шпион.” Овој правник предупредува дека ако ова еднаш пројде „тогаш од правна држава кон тиранија ќе остане уште само мал чекор”.

Ако се погледне наназад низ британската судска пракса, не сите лица против кои се водел процес за екстрадиција мора да бидат затворени во високо безбедносниот затвор Белмарш. Чилеанскиот диктатор Аугусто Пиноче, одговорен за десетици илјади убиства и тортура, можеше удобно да си го чека судењето кон крајот на 199-0те во домашен притвор во близина на Лондон. Имаше неограничен пристап на посетители, а на Божик му беше донесен и свештеник.

На Асанж, кој досега не бил осуден за никакво злосторство, дури на крајот на август за првпат по шест години му беше дозволена посета од партнерката и неговите две деца – но само 20 минути.(Дојче веле)