САД преговараат тајно со Русија


Американскиот претседател Џо Бајден се обидува да најде излез од војната во Украина и претставници на неговата администрација учествуваа во тајни преговори со Русија,  пишуваат голем број публикации во САД.

Советникот за национална безбедност Џејк Саливан разговарал со високи руски функционери со надеж дека ќе го намали ризикот војната во Украина да ескалира во нуклеарен конфликт, тврди Волстрит журнал. Весникот ги цитираше американските и сојузничките официјални лица дека Саливан имал доверливи разговори во последните месеци со советникот во Кремљ, Јуриј Ушаков, и секретарот на рускиот совет за безбедност, Николај Патрушев.

Според Вашингтон пост, Белата куќа неофицијално го охрабрува Киев да преговара со Москва. Белата куќа одби да го коментира извештајот, а портпаролката на Советот за национална безбедност Адриен Вотсон рече: „Луѓето кажуваат многу работи“.

Во петокот, Џејк Саливан за време на посетата на Киев рече дека поддршката на Вашингтон за Украина ќе остане „непоколеблива и цврста“ по среднорочните конгресни избори на 8 ноември.Сепак, според весникот, преговорите се воделе во последните месеци. Изворите велат дека темата не е крај на војната во Украина, туку спречување на ескалација и одржување на каналите за комуникација. Не се знае кога и колку често Ушаков и Патрушев разговарале со Саливан.