САД предлагаат нов план за воено примирје меѓу Израел и проиранскиот Хезболах
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, разговарал со либанскиот претседател, Жозеф Аун, и израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, за дипломатските преговори меѓу Израел и Либан при што предложил план за „постепена деескалација“ на конфликтот.
Неименуван американски претставник соопштил дека предлогот на САД како прв чекор предвидува прекин на сите напади на проиранското движење Хезболах врз Израел, а за возврат израелските сили да се воздржат од натамошна ескалација на воените дејствија во Бејрут.
„Тоа би создало простор за постепена деескалација и ефикасен прекин на непријателствата“, изјавил американскиот претставник кој инсистирал на анонимност.
Тој додал дека Аун се обидел да го унапреди предлогот и да обезбеди договор меѓу страните, но претседателот на либанскиот Парламент, Набих Бери, кој тврди дека гарантира за посветеноста на Хезболах кон прекинот на огнот, смета дека Израел треба прв да ги запре нападите.
Нетанјаху вчера изјави дека наредил израелските сили дополнително да навлезат на либанска територија во операциите против Хезболах, и покрај прекинот на огнот што беше објавен пред повеќе од шест недели.
Израелската армија соопшти дека во најновата офанзива ги зазела 900 години стариот замок Бофор и стратешки важна позиција во јужен Либан. Акцијата следуваше ден по најинтензивните ракетни напади на Хезболах врз северен Израел од примирјето во април наваму, поради што беа затворени училишта и воведени ограничувања во погодените области.
Американскиот претставник нагласи дека Вашингтон не очекува Израел да продолжи да ги трпи нападите на Хезболах врз цивилното население без реакција.