САД повторно го одби Ѓоковиќ, сега само Бајден може да му помогне


САД– Американските медиуми утринава објавија дека на Ѓоковиќ повторно му е забранет влез во Соединетите Американски Држави и како што стојат работите, ниту годинава нема да го видиме најдобриот светски тенисер на Грен слемот во Њујорк.

Сенаторот од Флорида, Рик Скот, објави документ во кој се наведува дека Ѓоковиќ нема да добие специјална виза, така што нема да може да учествува на турнири во САД. Покрај УС Опен, ова важи и за турнирите во Индијан Велс и Мајами. Скот додаде дека само претседателот Џо Бајден може да ја смени таквата одлука и да го одобри влезот на Ѓоковиќ и дека тоа е единствената надеж на српскиот ас.

Новак има поддршка од УС Опен и Тениската асоцијација на САД, но државната безбедност го одбила барањето на српскиот тенисер.

Ѓоковиќ не може да влезе во САД затоа што на неамерикански државјани кои не се вакцинирани против коронавирусот не им е дозволен влез во оваа земја.

Забраната официјално ќе биде укината на 11 мај, но турнирите ќе се играат во март.