САД повикаа сите да ја почитуваат пресудата за косовските лидери
Соединетите Американски Држави соопштија дека ја почитуваат пресудата на Специјализираните совети против Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими и ги повикаа сите страни да ја прифатат одлуката на судот, пренесе „Радио Слободна Европа“.
„Ја почитуваме денешната пресуда на Специјализираните совети на Косово“, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент за медиумот.
Стејт департментот соопшти дека САД ја поддржуваат правдата за сите жртви и нивните семејства и ја потврдуваат својата поддршка за одговорноста, правичната судска постапка и владеењето на правото.
Вашингтон, исто така, повика да се избегнува запаливата реторика по објавувањето на пресудата.
„Ги повикуваме сите страни да ја почитуваат одлуката на судот, да избегнуваат запалива реторика и да продолжат да работат кон мирна и демократска иднина“, изјави портпаролот на Стејт департментот.
Специјализираниот суд во Хаг ги прогласи четворицата поранешни лидери на Ослободителната војска на Косово за виновни по четири точки од обвинението за воени злосторства, додека ги ослободи од обвиненијата за злосторства против човештвото.