САД: Постојат ризици за комерцијалните летови над Персискиот Залив


Илустрација
САД – Американски дипломати ги предупредија комерцијалните авиокомпании чии авиони летаат над реонот на Персискиот Залив, дека се соочуваат со ризик нивните летала да бидат „погрешно идентификувани“ и да бидат цел на напад.

Во услови на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Техеран, САД го засилија своето воено присуство во регионот испраќајќи дополнителен број бродови вооружени со крилести проектили, додека Иран распореди нови противвоздушни ракети на бреговите на Персискиот Залив.

Во исто време, Лондонската агенција за поморско осигурување вчера ги прогласи водите на Персискиот Залив и околу бреговите на Обединетите Арапски Емирати и Оман за зона со висок ризик.

Над Персискиот Залив минуваат главните воздушни траси за комерцијални летови меѓу Истокот и Западот, а низ него се превезува и околу една третина од нафтата што се произведува во светот.