САД подготвуваат план како Украина да го нападне Крим

„Њујорк тајмс“ пишува дека американската и украинската воена команда ќе имаат состанок оваа недела во базата Рамштајн во Германија


Припадници на украинската војска пукаат од американска хаубица М777 на линијата на фронтот

 

Соединетите Американски Држави ќе ѝ помогнат на Украина да планира нова фаза од армиската контраофанзива, чија цел ќе биде Крим припоен од Русија, пишува „Њујорк тајмс“, цитирајќи претставници на Белата куќа и Пентагон.

Состанокот на американската и украинската команда, на кој ќе се разговара за понатамошни воени акции, како и командно-штабни вежби за идните офанзивни операции, ќе се одржи оваа недела во Германија.

На истото место, во базата Рамштајн, се одржува состанок на лидерите на западните земји и се решава прашањето за нов, голем пакет воена помош за Киев. Се очекува да вклучи американски ракетни системи ГЛСДБ со дострел до 160 километри, што ќе им овозможи на украинските вооружени сили да стигнат до цели на северот и центарот на Крим од бреговите на Днепар.

По неколку месеци сомнеж и дискусија, администрацијата на Џо Бајден конечно почнува да признава дека на Киев можеби му требаат средства за да удри на Крим, велат изворите на „Тајмс“. Според нив, полуостровот, каде се стационирани десетици илјади руски војници, станал важен логистички центар за армијата, без кој тешко дека би било возможно заземање огромни територии во јужна Украина.

И иако Соединетите Држави сè уште не се подготвени да му обезбедат на Киев ракети ХИМАРС со дострел до 300 километри, администрацијата на Бајден има намера да обезбеди директна помош на украинските вооружени сили во офанзивата, вклучувајќи го и Крим, пишува весникот. Состанокот на војската во Германија, покрај директното планирање на офанзивата, ќе биде посветен и на собирање оружје за идните операции, велат изворите.

Новиот пакет за воена помош ќе вклучува борбени возила на пешадијата „Бредли“ вооружени со проектили и топови способни да уништуваат руски тенкови. И ова, според поранешниот командант на НАТО во Европа, Бен Хоџис, ќе им овозможи на вооружените сили на Украина да префрлат пешадија и да го нападнат „копнениот мост“ на Крим – огромни територии долж брегот на Азовското Море, кој Русија го прогласи за припоен во октомври.

Украинските власти стравуваат дека нивната земја нема да може да издржи години на „замрзнат“ конфликт со Русија, која продолжува да ги бомбардира украинските градови и да ја уништува критичната инфраструктура. Така, тие не гледаат друга опција освен да го таргетираат Крим, вели еден висок американски функционер кој учествувал на средби со Украинците во Белата куќа.

САД, велат изворите на „Њујорк тајмс“, сѐ уште не гледаат можност Крим воено да се врати, но сметаат дека е важно да се покаже дека руската контрола над полуостровот не е загарантирана. Ова, сметаат официјални лица, ќе ја зајакне позицијата на Киев во идните преговори со Кремљ. Покрај тоа, стравувањата дека претседателот Владимир Путин ќе одговори со нуклеарен напад стивнаа, иако не целосно елиминирани, велат официјалните лица.

Заменик-шефот на Советот за безбедност Дмитриј Медведев во четвртокот повторно потсети на таквата закана. „Загубата на нуклеарна сила во конвенционална војна може да предизвика почеток на нуклеарна војна“, напиша тој на каналот Телеграм.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека изјавите на Медведев не се во спротивност со руската нуклеарна доктрина. Испораките на оружје за Украина кои ќе стигнат до Крим „ќе значат доведување на конфликтот на ново квалитативно ниво“, рече тој.