САД одобри продажба на оружје за Тајван во вредност од 619 милиони долари


САД одобрија потенцијална продажба на оружје за Тајван во вредност од 619 милиони долари, а во оваа сума се вклучени и ракети за борбени авиони Ф-16, во моменти кога Тајван секојдневно јавува за упад на кинеските воздухопловни сили во неговиот простор за воздушна одбрана.

Продажбата на оружје веројатно дополнително ќе ги влоши и онака заладените врски меѓу Вашингтон и Пекинг. Официјален Пекинг постојано инсистира на прекин на ваквите оружени договори, сметајќи ги за неоправдана поддршка за Тајван, островска држава со демократски избрана влада, за која Кина тврди дека е нејзина територија, пишуваат британските медиуми.

Пентагон вчера соопшти дека американскиот Стејт департмент одобрил потенцијална продажба на оружје и опрема на Тајван, која вклучува двесте напредни противвоздушни проектили воздух-воздух со среден дострел (AMRAAM) и сто ракети АГМ-88Б HARM. 

„Предложената продажба ќе придонесе за способноста на примателот да обезбеди одбрана на својот воздушен простор, регионална безбедност и интероперабилност со САД“, се наведува во соопштението.

Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека ракетите ќе помогнат во „ефикасната одбрана на воздушниот простор, за да се справиме со заканите и провокациите на комунистичката армија“ и дека ќе ги зајакнат одбранбените резерви.

Тајван и денеска, втор ден пријавува за голем упад на кинеското воздухопловство во зоната за идентификација на противвоздушната одбрана, при што само во изминатите 24 часа се регистрирани упади на 21 кинески авион.

Кина соопштува дека нејзините активности во областа се оправдани бидејќи со нив се обидува да го одбрани својот територијален интегритет и да ги предупреди САД на „заговорот“ со Тајван, и покрај гневот што го предизвикува во официјален Тајпеј.