САД очекуваат нова влада што ќе им биде силен партнер


САД очекуваат добар и силен партнер во новата влада на Северна Македонија, рече специјалниот претставник на Стејт департмент за Западен Балкан Метју Палмер, кој учествуваше на виртуелен брифинг на „Балкан инсајдер“ во Вашингтон.

– Сега е период на преговарање за формирање коалиција, што е природен процес во демократските парламентарни системи. Од перспектива на САД, она што е важно и што сакаме да го истакнеме, е дека очекуваме добар и силен партнер во владата на Северна Македонија, влада која е посветена максимално да го искористи членството во НАТО, влада која е посветена да ја води државата напред на патот кон Европската Унија – рече Палмер.

Тој нагласи дека САД очекуваат новата влада да биде посветена и на имплементирање на Договорот од Преспа, нагласувајќи дека независно од тоа каква влада ќе излезе од моментното коалицирање на политичките актери, ќе може да најде силен и натамошен партнер во САД, доколку биде посветена на исполнување на овие цели.