САД на Иран му одобрија трансфер на пари во странство за вакцини


Иран– Иран доби одобрение од САД за трансфер на средства во странство со цел набавка на вакцини против коронавирусот, изјави гувернерот на иранската Централна банка, Абдолсанер Хемати.

Хемати за државната телевизија рече дека Банката на Иран добила одобрение од Канцеларијата за контрола на странски средства во Министерството за финансии на САД за префрлање пари во швајцарска банка за плаќање на вакцини против Ковид-19.

– Американците воведоа санкции против сите наши банки и во овој случај тие се согласија да направат исклучок под притисок на светската јавност, рече Хемати.

Тој изјави дека Иран ќе плати над 200,5 милиони евра за увоз на 16,8 милиони дози од програмата на СЗО Ковакс, чија цел е да обезбеди фер пристап до вакцините за посиромашните земји.

Официјални лица во Иран постојано истакнуваат дека санкциите на САД ги спречуваат да купат вакцини против коронавирусот.