САД му удрија „шлаканица“ на Борисов среде изборна кампања


Боб Менендез (демократ) и Џим Рич (републиканец), претседател и член на Комитетот за надворешни работи на Сенатот, издадоа заедничко соопштение за односите на САД со Бугарија, практично еден ден пред почетокот на изборната кампања удирајќи им на тој начин, според бугарските медиуми, „шлаканица“ на ГЕРБ и на Бојко Борисов. Иако преставници на владејачката партија, вклучувајќи ја и министерката Екатерина Захариева, со сите сили се трудеа да го омаловажат ставот на сенаторите, како личен став зад кој не стои администрацијата на САД, ги демантираше фактот дека тој беше објавен на официјалната страница на Комитетот за надворешни работи на Сенатот, на официјалната страница на американската амбасада во Бугарија и зад него практично застанаа и демократи и републиканци. 

 „Бугарската влада и судството мораат да се залагаат за почитување на владеењето на правото за сите граѓани, не само за некои од нив, и медиумите мора да бидат слободни да известуваат за вистината, без да бидат подложени на малтретирање, насилство или казна“, се вели во соопштението на сенаторите. Во него исто така стои дека „широко распространета корупција, недостаток на медиумска слободата и политизацијата на судството ги загрозуваат американско-бугарските односи “.

Министерството за надворешни работи на Бугарија изрази „лично изненадување од  позицијата на двајца американски сенатори, што не го изразува мислењето на Сенатот и не го одразува нивото на билатералните односи“. Од таму тврдеа дека добиле  уверувања и од американската амбасада во Софија и од Стејт департментот во Вашингтон дека оваа изјава не ја обврзува американската влада на кој било начин и дека не би сакале таа да влијае на изборната кампања во Бугарија. Според Министерството, односите меѓу САД и Бугарија никогаш не биле поактивни и подлабоки.

Во исто време, американската амбасада во Бугарија го објави овој став. „Достигнувањата“ посочени од двајцата сенатори се засноваат на официјалното рангирање на „Транспарентност без граници“, според кое Бугарија е најкорумпираната земја во ЕУ, на извештајот на ЕК за невладеење на правото во Бугарија, како и на „Репортери без граници“, според кои Бугарија е последна според слободата на медиумите во ЕУ.

Позицијата на Менендез и Рич ја коментираше претседателот Румен Радев, кој рече дека станува збор за „уништувачка оценка“.

„Ако владата навистина се грижи за нашите односи со Соединетите Држави како стратешки партнер и ако не ги слуша моите пораки кои последен пат ги дадов на многу јасен начин, тогаш барем нека ја слушне оценката и препораките на нашиот стратешки партнер“, рече тој.

Претходно, официјални лица на ГЕРБ изразија сомневање дека Менендез и Рич биле под влијание на поранешниот заменик-претседател на ГЕРБ, Цветан Цветанов, кој сега е лидер на партијата Републиканците за Бугарија. Во име на ГЕРБ, поранешниот министер за надворешни работи Даниел Митов порача дека „вистинските контакти меѓу Бугарија и САД не се содржани во една набрзина и на колено напишана  позиција“.  Според него,  „човек како претседателот Радев, кој никогаш не бил поканет во посета на САД и  кој не ги знае затоа институционалните односи во САД, тешко дека има право да коментира“. Притоа посочи дека премиерот Бојко Борисов, за разлика од него, бил присутен во канцеларии на два американски претседатели и  имал средба со Мајкл Помпео.

„Го познаваме сенаторот Менендез, знаеме дека тој е многу активен и секогаш има 
лични позиции што го разликуваат“, рече Даниел Митов.

Борисов и ГЕРБ се подготвуваат за петта последователна победа на изборите што ќе се одржат наскоро во Бугарија со која тој ќе ги надмине сите актуелни европски премиери во политичка долговечност која се должи на силната контрола на медиумите и корупцијата. Во европските медиуми Бугарија се повеќе се гледа како земја која тргнала по стапките на Унгарија и на Полска и како нов проблем за Европската унија.(Н.В.)