САД ќе воведат санкции против нафтената компанија НИС поради руското сопствеништво, најави Вучиќ


 

За неколку дена САД ќе воведат целосни санкции против Нафтената индустрија на Србија, поради руска сопственост, изјави синоќа српскиот претседател Александар Вучиќ за ТВ Информер. Како што рече, кон санкциите ќе се приклучат и Британците.

Тој рече и дека не знае кога точно ќе се случи (санкции).

„Треба да ни остават рок, ќе видиме што ќе се случи и што мислат со тоа. Сега, бидејќи не ги добивме документите, не знам колку време ќе ни дадат. Очекувавме да дојде од ЕУ пред година и пол – не дојде од ЕУ, туку доаѓа од Америка, кои се веројатно најтешките санкции. Од таа секунда, нафтоводот Јанаф во Хрватска ви вели – не пуштаме нафта низ Јадранскиот нафтовод. Се разбира, ова ни отвора проблеми со нашите руски пријатели за сè. Од политички до сѐ друго“, рече Вучиќ.

„Ќе разговараме со Русите, а едно од решенијата е уделот на руската сопственост во компанијата НИС да се намали под 50 отсто“, рече Вучиќ и додаде дека ситуацијата е многу сериозна.

Од 2008 година, НИС е во мнозинска сопственост на руската државна компанија „Гаспром нефт“ и нејзината чадор компанија „Гаспром“.

Вучиќ рече дека одлуката за санкции ќе стапи на сила на 1 јануари 2025 година и дека станува збор за „веројатно најстроги санкции“.

„Треба да го почекаме конечниот чин. Имаме разговори со Русија, за да видиме дали (сопственоста) може да се намали под 50 отсто, за да можеме да купиме дел. Или воопшто не можеме, јас не знам“, рече Вучиќ и додаде дека „ќе разговара и со Американците“.

Според податоците на Централниот регистар на хартии од вредност, „Гаспром нефт“ и „Гаспром“ поседуваат 56,15 отсто од поранешниот државен гигант, додека 29,87 отсто се во сопственост на Република Србија.

Европската унија и САД го ставија „Гаспром нефт“ во црната листа во 2014 година по руската анексија на украинскиот полуостров Крим.