САД извршија одмазнички напади врз цели во Сирија, погодени цели и во Ирак


САД извршија воздушни напади во Сирија како одговор на убиството на тројца американски војници во напад со беспилотно летало во Јордан.

Американските медиуми јавија за нападите веднаш откако американскиот претседател Џо Бајден присуствуваше на церемонијата кога на американска територија беа донесени посмртните останки на војниците убиени во неделата.

Во воздушните напади во источна Сирија загинаа шест борци на проирански милиции, соопшти директорот на невладината мониторинг организација Сириска опсерваторија за човекови права Рами Абдел Рахман. 
Си-Ен-Ен јави дека се извршени одмазнички напади и врз цели во Ирак.
Американските сили извршија воздушни напади врз иранската револуционерна гарда и милициските групи поврзани со Техеран, погодувајќи повеќе од 85 цели во Ирак и Сирија, соопшти американската војска.

Висок претставник од американското Министерство за одбрана изјави за Си-Ен-Ен дека не се таргетирани цели во Иран.