САД им наредија на дипломатите да ја напуштат Саудиска Арабија поради нападите на Хутите
САД му наредија на дел од дипломатскиот персонал и членовите на нивните семејства да ја напуштат Саудиска Арабија и планираат да ги повлечат семејствата на персоналот и од другите американски претставништва во регионот.
Портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот, на X објави дека министерството им наложило заминување на „вработените во американската влада кои не се неопходни за работа во вонредни ситуации и на членовите на нивните семејства, и тоа само во Саудиска Арабија“, поради нападите на Хутите поврзани со Иран врз цивилни цели во земјата.
Вашингтон во последните месеци врати дел од дипломатскиот персонал во регионот откако многумина беа повлечени кога Техеран почна напади врз американски објекти, по почетокот на американско-израелската војна против Иран при крајот на февруари.
– Хутите поддржани од Иран сè почесто учествуваат во непријателства против Саудиска Арабија, вклучувајќи и напади врз цивилни аеродроми и друга клучна инфраструктура, што доведе до цивилни жртви и сериозни прекини во сообраќајот – рече Пигот.
Најновите повлекувања следат по ескалацијата на конфликтот во Јемен, со што се отвори уште еден фронт во регионалниот конфликт предизвикан од американско-израелската војна против Иран. Поширокиот конфликт ја наруши глобалната трговија со енергенси и им нанесе штета на економиите на земјите од Персискиот Залив.
Американската амбасада во Ријад вчера издаде безбедносно предупредување поради можни нови напади на Хутите врз Саудиска Арабија, по неодамнешните смртоносни удари, вклучувајќи ги и оние врз аеродромот во Ријад.
Амбасадата и станицата на ЦИА во Ријад беа нападнати со дронови на почетокот на март, кога Иран почна напади ширум регионот.