САД и Украина развиваат нова воена стратегија за 2024

Вашингтон инсистира на стратегија која вклучува фокусирање на Украина на одбраната и одржување на сегашните позиции


 

Американските и украинските воени команданти бараат нова стратегија за водење на војната против Русија, кон која Украина би можела да се придржува на почетокот на 2024 година. За ова пишува „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на официјални лица од САД и Украина.

Според весникот, САД инсистираат на стратегија која вклучува фокусирање на Украина на одбраната и одржување на сегашните позиции, а исто така ќе собира сили и резерви на оружје во текот на целата година. Таквата стратегија, сметаат САД, ќе ѝ обезбеди на Украина можност да одбие секоја нова руска офанзива. Целта на стратегијата е да создаде доволно кредибилна закана за да ја принуди Русија да ја разгледа можноста за мировни преговори кон крајот на 2024 или 2025 година.

Претставниците на Украина, пак, пишува весникот, сакаат да одат во офанзива или на копно или со помош на удари од долг дострел, „со надеж дека ќе го привлечат вниманието на целиот свет“. Конкретно, во Киев ја проучуваат стратегијата заснована на успешни длабоки удари на Крим минатата есен. Украинците бараат начини да ја задржат Русија надвор од рамнотежа преку напади врз фабрики за оружје, складишта за оружје и железнички линии што се користат за транспорт на муниција, како и со симболични победи, забележува Њујорк тајмс“.

Поранешен висок воен функционер од Украина одби да разговара за предлозите со весникот, но призна дека се развива нов план и го нарече „многу храбар“. Според американските и украинските офицери, сојузниците се надеваат дека ќе ги разработат деталите за новата воена стратегија во јануари 2024 година за време на серијата воени игри планирани за Визбаден, Германија.

Како што забележува „Њујорк тајмс“, потребата од нова стратегија се појави на позадината на неуспесите на украинската контраофанзива и слабеењето на поддршката за Украина во американскиот Конгрес. Претставниците на Украина не разбираат колку е нестабилна понатамошната поддршка од САД и имаат нереални надежи за американските набавки, забележуваат соговорниците на весникот. На пример, Украинците бараат милиони артилериски гранати од западните резерви кои едноставно не постојат.

Американските власти се обидуваат да ги подготват Украинците за следната година на борби, предупредувајќи дека секоја помош што Конгресот на крајот ќе ја одобри веројатно нема да биде толку значајна како во првите две години од војната.