САД и Македонија потпишаа патоказ за одбранбените врски во наредните 10 години

Уште една потврда за извонредните односи меѓу Македонија и САД. Патоказот го потпишаа министрите Лојд Остин и Славјанка Петровска


Лојд Остин и Славјанка Петровска на церемеонијата на потпишувањето на патоказот (Фото: Пентагон)

 

САД и Македонија како вистински и доверливи сојузници ги поставија воените односи на патека по која треба да се движат наредните 10 години. Двајцата министри за одбрана, Лојд Остин и Славјанка Петровска, во Вашингтон потпишаа патоказ со кој се дефинираат областите во македонско-американската одбранбена соработка кои ќе бидат приоритетни во следната декада и преку кои ќе се развива одбраната и македонската армија.

Ова е уште една потврда за извонредните односи меѓу Македонија и САД и доаѓа на годишнината на Стратешкиот дијалог меѓу двете земји.

Со овој патоказ се става рамка на заедничката работа на решавање на одбранбените предизвици, како и за идната соработка при обука и вежби на воените единици, модернизирање на армијата, како и финансиски инструменти за помош на македонската одбрана и армија.

Колку се големи бенефитите од членството во НАТО (надвор од загарантираната безбедност) покажува и фактот дека само лани македонската одбрана добила 130 милиони долари финансиска поддршка од САД.

„Откако вашата земја влезе во НАТО пред три години, нашите билатерални односи станаа уште посилни. Северна Македонија долго време е голем пријател на Соединетите Американски Држави и нашите интереси и нашите вредности нè поттикнуваат да се стремиме кон Европа која е слободна, цела и во мир“, рече Остин при пречекот на Петровска во Пентагон. „Додека Русија продолжува да ја води својата сурова и непредизвикана војна на избор против Украина, јас сум навистина благодарен за активностите на Северна Македонија да го поддржи украинскиот народ кога најмногу му треба. Армијата на Северна Македонија придонесува и во активностите на НАТО за будност на источното крило на алијансата, како и во мисијата КФОР. Со нетрпение очекувам да разговараме за нашите други заеднички одбранбени приоритети на Самитот на НАТО во Вилнус во јули“.

Од пречекот на Славјанка Петровска (Фото: Пентагон)

Во врска со патоказот Остин рече дека тој „ги поставува нашите цели за билатерални одбранбени односи во следните 10 години и покажува начини на кои можеме да работиме заедно на модернизација и да ја фокусираме нашата безбедносна соработка за да работиме на справување со денешното опкружување за глобална закана“.

Петровска рече дека Северна Македонија ќе застане „рамо до рамо“ со САД во исполнувањето на заедничките предизвици, вклучувајќи и продолжување на поддршката на Украина во лицето на неиспровоцираната агресија на Русија. „Минатата година САД ни дадоа огромна поддршка која не беше само финансиска. Разменувавме знаење и искуство, вежбавме и се обучувавме заедно и ние сме горди што заедно придонесуваме кон безбедноста на НАТО и на регионот“, рече Петровска на состанокот.

Овој патоказ ги поставува нашите цели за билатерални одбранбени односи во следните 10 години и покажува начини на кои можеме да работиме заедно на модернизација и да ја фокусираме нашата безбедносна соработка за да работиме на справување со денешното опкружување за глобална закана.

САД обезбедија повеќе од 39,7 милијарди долари безбедносна помош за да им помогнат на украинските сили да ја одбранат својата земја од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Соединетите држави, исто така, продолжуваат да водат сојуз од повеќе од 50 земји во собирот зад Украина преку Контакт групата за одбрана на Украина.