САД и Македонија ќе одржат стратешки дијалог во јуни во Вашингтон

Стратешкиот дијалог на Македонија и САД треба да се одржи во Вашингтон на 4 јуни, прв таков со земја од регионот кој ќе отвори врата за поголема соработка


Карен Донфрид за време на посетата на Скопје (Фото: Б. Грданоски)

 

Помошник државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид, порача денес од Скопје дека САД силно ги поддржува евроаспирациите на Македонија и сака што побрзо да се одржи меѓувладината конференција.

„Нејзиното одржување премногу се одолговлекува. Исполнивте тешки задачи, ги исполнивте реформите и заслужувате брзо да напредувате. Иднината на Северна Македонија е во ЕУ“, порача Донфрид по денешната средба со министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

На заедничката прес-конференција со Османи во МНР, Донфрид истакна дека пристапувањето на земјава во ЕУ ќе донесе поголема стабилност на Балканот и поголем простперитет во Европа.

Таа ја пофали земјава и во однос на јасно изразениот став околу руско-украинскиот спор.

Вие сте бранители на демократијата, порача Карен Донфрид (Фото: Б. Грданоски)

„Вие сте бранители на демократијата и на владеењето базирано на правила. Застанавте заедно со меѓународните партнери во поддршка на украинскиот народ. Знаете колку е важна слободата и повеќе пати сте докале дека сте стабилен партнер. Ова е време на предизвици и можности, а Северна Македонија покажа дека е способна да застане во одбрана на човековите права. Треба да го одржите темпото на реформите, но покажавте дека можете да се справите со предизвикот“, подвлече таа.

Донфрид притоа најави стратешки дијалог на владата на нашата земја со администрацијата  на САД, кој треба да се одржи во Вашингтон на 4 јуни, прв таков со земја од регионот кој ќе отвори врата за поголема соработка.

Министерот Османи, пак, фокусот го стави на добрите односи со САД и на потребата да се одблокираат нашите преговори со ЕУ, без и тој да го спомене ветото на Бугарија. 

„Сега е вистинско време ЕУ да го исполни својот дел од задачата и да го деблокира нашиот пристапен процес преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција за време на француското претседателство“, рече Османи.

Тој предупреди дека немањето напредок во евроинтегративниот процес ќе има сериозни последици за нашата држава и за земјите од Западен Балкан и ќе отвори простор за штетни влијанија од трети земји, заклучувајќи дека затоа „забрзување на евроинтегративните процеси е значаен геополитички интерес и за нашите партнери“.

Според него, процесите на проширување на ЕУ претставуваат и безбедносна политика и оттука, членството на регионот во Унијата е од суштинска важност за регионалната и европската безбедност и стабилност. Никој од нас, потенцира Османи, нема време за губење.

„Северна Македонија е европска земја и лојален партнер со значителен напредок во реформските процеси. Иако сѐ уште земја кандидат, РСМ во целост или стопроцентно е усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и воедно со сите рестриктивни мерки што произлегуваат од воената агресија на Русија врз Украина. Цениме дека сега е вистинско време за ЕУ да го исполни својот дел од задачата и да го деблокира нашиот пристапен процес преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција за време на француското претседателство. Тоа ќе претставува големо охрабрување и за другите земји од Западен Балкан. Ќе се потврди кредибилноста на ЕУ и ќе се охрабрат процесите за надминување на разликите и помирувањето во регионот. Иако стабилен, регионот е обременет со бројни прашања кои создаваат простор за диригирана нестабилност засилена со надворешни влијанија од центри на моќ во чиј интерес не е стабилноста и просперитетот на регионот“, нагласи министерот.

Тој повтори дека земјава го поддржува и се солидаризира со украинскиот народ, како и дека  јасно ги осудува руските воени дејства.

„Војната во Украина демонстрираше јасна потреба и за внесување нова динамика во евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан“, укажа Османи.

Тој исто така порача дека како НАТО сојузник, Северна Македонија ја презема обврската активно да придонесе во регионалната стабилност.

„Во оваа смисла и САД, како и останатите НАТО сојузници може да сметаат на земјава како стабилен и кредибилен партнер при адресирањето на сите отворени прашања во регионот. Тоа е и наша обврска, но и наш директен интерес да бидеме дел од еден безбеден, стабилен и просперитетен регион опкружени со земји соседи кои ја делиме нашата европска и евроатлантска иднина“, рече Османи.

Средба со Донфрид имаше и премиерот Димитар Ковачевски. На неа таа изразила силна и недвосмислена поддршка од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за развојот и европските интеграции на Северна Македонија и за итно и неодложно отпочнување на преговорите со ЕУ, како прашање од стратешка важност за стабилноста на целиот Западен Балкан. Истакнато било дека нашата држава, како членка на НАТО и земја кандидатка за ЕУ, функционира според принципите на демократските и европските вредности и дека во предизвиците што ги донесе војната во Украина, се постави брзо и целосно на линија на политиките на НАТО и на ЕУ.

Претседателот Стево Пендаровски на средбата со Донфрид истакна дека Северна Македонија е подготвена да придонесе за понатамошен развој на билатералните односи и зајакнување на стратешкото партнерство со САД.

-Остануваме цврсто посветени на спроведување на реформите за борба против организираниот криминал и корупцијата, и во таа насока особено ја цениме американската поддршка, додаде претседателот Пендаровски.

Tој го поздрави билатералниот стратешки дијалог со САД како позитивен импулс во меѓусебните односи за унапредување на соработката во областа на одбраната, безбедноста, владеењето на правото, економијата, енергетиката и климатските промени. 

Во посета на Македонија заедно со Донфрид беше и Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски работи. (С.Ј.)