САД и ЕУ во еден глас: Македонија и Албанија треба да ги почнат преговорите „без одлагање“


САД и ЕУ ќе работат заедно за проширувањето на Унијата во Западен Балкан, се согласиле Ентони Блинкен и Жозеп Борел

 

Во денешното соопштение објавено истовремено во Вашингтон и Бриселза средбата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен и шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, се нагласува дека „преговорите за приклучување на Северна Македонија и Албанија треба да почнат без одлагање“.

Ова соопштение се однесува прецизно на ситуацијата во земјите на Западен Балкан и се наведува дека ЕУ и САД се согласиле да го засилат својот заедничка ангажман во прогресот на Западен Балкан на европскиот пат.

Во него се вели:

„Ја подвлекуваме нашата целосна поддршка за процесот на проширување на ЕУ. Пристапувањето кон ЕУ, искажан приоритет за целиот Западен Балкан, помага во консолидација на демократските институции, заштита на основните права и унапредување на владеењето на правото. Овој регион припаѓа на Европската унија. Поблиската интеграција ќе ја зајакне стабилноста и ќе придонесе за просперитет на луѓето од регионот. Во овој контекст, нагласуваме дека пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија треба да започнат без одлагање.

Европската унија и САД се обединети во нивната цврста поддршка за територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, како и во нивната заедничка работа за промовирање на изборни и уставни реформи и одржување на функционалноста на нејзините државни институции. Имаме сериозна загриженост во врска со сѐ поделената реторика во Босна и Херцеговина. Ги повикуваме сите страни да ги почитуваат и заштитуваат државните институции, да продолжат со конструктивниот дијалог и да преземат чекори за унапредување на напредокот на интегративниот пат во ЕУ – вклучително и релевантните реформи. ЕУ и САД се подготвени да ги олеснат овие чекори.

Ја нагласуваме важноста на дијалогот олеснет од ЕУ, кој е клучниот механизам за решавање на сеопфатната нормализација на односите меѓу Србија и Косово. По последните тензии на северот на Косово, ги охрабруваме двете страни да се вклучат во континуирана и одржлива деескалација и да избегнуваат дејствија што ја загрозуваат стабилноста. Го поздравуваме и поддржуваме ангажманот на Косово во борбата против корупцијата и организираниот криминал и повторуваме дека насилството врз цивили, новинари, полиција или други власти е неприфатливо.

Ги повикуваме сите политички сили во Црна Гора да работат заедно за да ја одржат стратешката ориентација што ја одразува желбата на народот на Црна Гора да ги постигне реформите неопходни за да ги остварат нивните надежи за иднина во ЕУ“, пишува во соопштението.