САД и ЕУ ги замрзнуваат сите царини во спорот „Боинг – Ербас“


САД и Европската унија се согласија да ги замрзнат сите царини во износ од повеќе милијарди долари, воведени во врска со трговскиот спор „Боинг – Ербас“, за период од четири месеци, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

– Се радувам што попладнево разговарав со претседателот Џо Бајден, прв од многуте размени и почетокот на добро лично партнерство. Двајцата се согласивме да ги замрзнеме сите наши царини наметнати во врска со спорот „Боинг – Ербас“, како за авиони, така и за невоздухопловни производи, за почетен период од четири месеци, истакна Фон дер Лајен.

Претходно, американски медиуми објавија дека Боинг се обратил до група банки за нов заем за закрепнување во вредност од четири милијарди долари, бидејќи производителот на авиони се бори со продолжено одложување на комерцијалното авионско патување поради пандемијата на Ковид-19. Американскиот производител на авиони на тој начин ќе го зголеми размерот на двогодишниот кредитен механизам на дури шест милијарди долари.